Инсулинските количини постојано се следат – нема недостиг на инсулин во аптеките

Националната комисија за дијабетес реагира во врска со известувањето во поедини медиуми и посочува дека  состојбата со инсулинските количини постојано се следи и доколку има оправдано барање за доиспорака веднаш се реагира.

Ви го пренесуваме соопштението интегрално

Количините на различните видови инсулин што се користат за третман на дијабетес мелитус во Република Македонија и што се планирани со јавната набавка се во рамките на потребите и согласно препишувањата на специјалистите врз основа на Законот за здравствена заштита и Националното упатство за третман на дијабетес мелитус, кое, пак, е во целосна согласност со меѓународните упатства.

Дополнително, со новата јавна набавка повторно се овозможува големиот број бесплатни ленти за мерење гликемија, нови инсулински пумпи за децата со дијабетес, како и воведување 3 нови класи антидијабетични лекови, кои се достапни за пациентите само во најразвиените здравствени системи.

Наодите изнесени во изјавите на лицето што се претставува  како претставник на пациентите се целосно неточни, состојбата со инсулинските количини постојано се следи и доколку има оправдано барање за доиспорака веднаш се реагира.

Сите инсулини што се користат во Република Македонија се од врвните светски производители и истите се во употреба во најразвиените здравствени системи во светот. Тврдењата дека инсулините што се користат во Република Македонија се несоодветни и неквалитетни е целосна и исклучително опасна невистина, имајќи ги во предвид големиот број лица со дијабетес тип 2 во Република Македонија кои користат хумана инсулинска терапија и се одлично регулирани.

Во Република Македонија е обезбедена најсовремена инсулинска терапија при што секој пациент има потреба од соодветна комбиниција и не постои универзален инсулин што за сите би бил одличен, независно од цената на чинење. Целокупната инсулинска терапија е целосно бесплатна за сите граѓани со дијабетес во Република Македонија, што е реткост и за најбогатите здравствени системи во Европа и светот.

Прилагодувањето на инсулинската терапија е индивидуално и се врши за постигнување соодветна гликемиска контрола, при што кај различните пациенти се постигнува со различни инсулински третмани и дози, земајќи ги во предвид и останатите препораки до пациентите, како што се правилната исхрана, соодветната физичка активност, третманот на напоредните заболувања, итн.

Постојат голем број пациенти со дијабетес тип 2 кои се лошо регулирани, а се на терапија со инсулински аналози (до 4 пати поскапи од хуманите инсулини) и кај нив е неопходно да се направи обид за постигнување добра гликемиска контрола со поинаков инсулин во интерес на здравјето на пациентите. Исто така, постојат и голем број пациенти со дијабетес тип 2 кои се на хумана инсулинска терапија и се одлично регулирани.

Во дијабетесот поскапата терапија во многу случаи не значи и автоматски подобра гликемиска контрола, да беше така ќе беше многу лесно, ќе ги ставевме сите на најскапи инсулини, немаше да мора да доаѓаат на чести контроли, немаше да мораат да внимаваат на исхраната, физичката активност, другите заболувања. Но, за жал, секој што се разбира од медицина и дијабетес, знае дека не е така.

Главната цел во третманот на дијабетесот кај секој пациент е постигнувањето добра гликемиска контрола. Грижата за дијабетесот на сите граѓани во Република Македонија и добрата гликемиска контрола остануваат највисоки приоритети на Националната комисија за дијабетес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.