Вицепремиерот Зоран Ставрески потенцира дека намалувањето на невработеноста од првиот ден било главен фокус во работата на македонската Влада.
Тој потенцира дека по 10 години на власт, со гордост може да каже дека намалувањето на невработеноста е најголем успех на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Нема друг рецепт за намалување на невработеноста од оној што го знаевме од првиот ден -многу труд, пот, посветеност и многу правилни одлуки. Одлуки во насока на главните економски политики што ги носевме изминативе 10 години. Успеавме и покрај кризите во светот и Европа, Македонија да оствари просечна стапка на раст на економијата од 3 проценти во периодот 2007-2015-та година. Тоа е четврти најдобар резултат во Европа. Минатата година и покрај политичките услови успеавме да бидеме на 4-то место. Тоа секако се должи на она што го работиме од првиот ден. Прво, намалувањето на даноците. Со тоа им оставивме на фирмите повеќе пари наместо да ги собираме во Буџетот, им ги оставивме на располагање тие да инвестираат и да отвораат нови работни места, рече Ставрески.
Вториот столб на намалување на невработеноста е продолжувањето со политиките за привлекување на странски инвестиции.
Третото беше што успеавме да ги подобриме условите во економијата за водење на бизнис. Тоа значи секоја државна институција да работи подобро, поефикасно, во служба на бизнисот и граѓаните. Со мерки како што се подобрување на работата, капацитетот на Катастарот, на царинската управа, на УЈП, на централниот регистер, на министерствата, на сите оние кои се надлежни да им создадат на фирмите подобри услови за водење на бизнис. Со тоа помогнавме и на домашните и на странските инвеститори, рече Ставрески.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, потсети Ставрески, отвори 150.000 нови работни места, а само последниве две години се вработени 28.293 работни места.