Регионалната единица Куманово – Евроспорт создава нови врвни голгетери

Регионалната единица Куманово - Евроспорт создава нови врвни голгетери
Регионалната единица Куманово - Евроспорт создава нови врвни голгетери

Се почнува со регионалната единица Евроспорт-Вардар од Куманово, која веќе една деценија посветено работи на создавањето млади фудбалски талени, во третиот по број на жители град во Македонија.

Згора на тоа, оваа фудбалска школа активно се натпреварува во Вардар Јуниор лигата, уште од самите почетоци на ова натпреварување. На првиот турнир од пролетната полусезона, кумановци настапија со највозрасната генерација 2003, како и најмладите момчиња родени во 2006 година.

„Фудбалската школа Евроспорт од Куманово постои точно 10 години, а веќе една година сме дел и од Јуниор лигата на ФК Вардар. Во моментов, во нашата школа тренираат повеќе од 70 деца, од кои околу 25 се во генерацијата 2003. Во основа сме задоволни од поддршката и условите за работа, кои ни се овозможени на располагање од најтрофејниот македонски клуб. Преку натпреварите кои ги играме на турнирите во рамките на Јуниор лигата, дечињата имаат можност да го стекнат потребното натпреварувачко искуство и да ги надоградат нивните фудбалски знаења и ваштини. Сето тоа е од големо значење, во поглед на нивниот понатамошен развој како фудбалери“, вели тренерот на генерацијата 2003 од тимот на Евроспорт, Стефан Ангеловски.

Кога станува збор за Куманово, еден најпознатите играчи од овој град, кои во минатото со успех го носеле дресот на Вардар, несеомнено е поранешниот македонски репрезентативец Саша Ќириќ. Легендарниот Ќириќ, во премиерната сезона (1992/93) од независноста на Македонија, со постигнатите 36 погодоци на 33 одиграни средби, постави рекорд кој сеуште е недостижен за останатите голгетери во Првата домашна лига.

По неговите стапки, допрва ќе тргнат перспективните Давид Денковски и Филип Антовски, кои се родени во 2000 година и токму од школата на Куманово Евроспорт, беа регрутирани во соодветните возрасни категории од подмладокот на нашиот клуб.

„Нивниот ангажман во редовите на Вардар е најдобрата потврда дека во нашата школа имаме талентирани деца, во кои се крие голем потенцијал. Покрај Денковски и Антовски, тренерите на Вардар веќе подолг период будно ги следат настапите и на уште неколку дечиња од нашата екипа. Ние сме задоволни од игрите кои ги прикажуваме во Јуниор лигата, располагаме со квалитетни играчи на сите позиции во тимот, а не можеме да се пожалиме ниту од ефикасноста на напаѓачите. Искрено се надеваме дека некој од нашите голгетери, во иднина ќе го надмине прволигашкиот рекорд на нашиот сограѓанин, Саша Ќириќ“, додаде Ангеловски.

Момчињата од тимот на Куманово Евроспорт – Вардар, претстојниов викенд нема да има активности во Вардар јуниор лигата, бидејќи в недела ќе се играат натпреварите од источниот регион. Домаќин на вториот турнир од пролетната полусезона ќе биде тимот на Мал Ајакс – Вардар од Штип, а покрај нив на турнирот ќе настапат и екипите на: ФК Вардар, Борец Јуниор од Велес, Слога 1934 од Виница и Рудар Јуниор од Пробиштип. Натпреварите ќе се играат од 12:30 до 14:30 часот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.