Министерство за култура: За каква торура во културата зборува Синдикатот за култура?

Министерството за култура го изразува своето жалење  што денеска културата во Република Македонија беше вовлечена во  дневно-политички контекст и беше направен обид за манипулирање на јавноста со изнесување на  информации кои се далеку од вистината.

Интегрално соoпштение од Миистерството за култура: 

Министерството за култура го почитува легитимното право  за изразување протест но, потенцираме дека законска обврска на  Министерството за култура е  за прашања кои се однесуваат на колективниот договор и правата на вработените во културата, да преговара исклучиво со мнозинскиот репрезентативен синдикат СОНК. Во изминатиот период заедно со СОНК посветено се работеше  на систематизирање на работните места во сите институции од областа  на културата  во насока на новиот Колективен Договор кој беше даден на јавна расправа.

Во врска со денешниот протест бараме синдикатот на културата во Република Македонија јавно да одговори:  за каква тортура  во културата  станува збор?

Потсетуваме:

Во периодот од 2007 година до 2016 година го решивме повеќедеценискиот проблем кој директно влијаеше на егзистенцијата на уметниците и на самите институции во културата, и во таа насока реализиравме  повеќе од 1700 вработувања во културата и  тоа:  во музичко-сценската дејност  и во центрите за култура 665  вработувања, во драмската дејност 436 вработувања, во установите од областа на заштитата на културното наследство, во библиотечната и музејската дејност  537 нови вработувања итн. Бараме синдикатот на културата да одговори, дали е ова тортура во културата?

Во периодот од 2007 до 2016 година Владата на Република Македонија и Министерството за култура обезбедија зголемување на платите на сите вработени во културата за 25, 84%, а  на уметничкиот кадар  за 81, 21%. Бараме синдикатот на културата да одговори, дали е ова тортура во културата?

Дали за Вас тортура во културата е воведувањето на националните пензии со кои го валоризиравме соодветно трудот на уметниците кои имаат дадено свој придонес во развојот на македонската култура? Дали за вас е тортура во културата воведувањето на титулата национален уметник која овозможува добитникот на ова признание да добива по 60.000 денари месечно доживотно?

Го прашуваме синдикатот на културата, дали е тортура во културата зголемувањето на средствата за програмски содржини на институциите како и исклучително големиот  број на индивидуални проекти на вработените во институциите во областа на култура, проекти кои се надвор од нивните работни ангажмани и кои овозможија  професионално  претставување на уметниците  во Република Македонија и надвор од неа како и вршење на стручни работи во заштитата на културното наследство надвор од установата во која стручниот работник е вработен?

Дали за вас е тортура во културата грижата за културното наследство, бројните археолошки истражувања, конзервацијата на локалитетите и нивната презентација? Дали за вас се тортура во културата бројните проекти за конзервација и реставрација на нашето движно и недвижно наследство како и висината на средствата од над  3 милијарда денари кои се издвоени за заштита на културното наследство?

Го прашуваме синдикатот на културата, дали воведувањето на стимулативните мерки во сите дејности од областа на културата како  откуп на композиции од областа на класичната музика, композиции од останатите жанрови, скулптури, ликовни дела, драмски текстови, финасирањето на преводи на македонски автори,  мерките за кои издвоивме преку 107 милиони денари со кои ги стимулиравме македонските репродуктивни уметници зборуваат  за тортура во културата?

Дали заложбите за подобрување на условите во кои работат уметниците и стручниот кадар, подобрувањето на постоечката инфраструктура и изградбата на  новите театри, музеи, новата сала за Македонската филхармонија е тортура во културата?

Дали за синдикатот на културата тортура во културата е зголемениот буџет за култура во сите дејности од културата?

Го прашуваме синдикатот на културата во која од овие мерки или проекти препознава тортура во културата?

Сосема на крајот сакаме да потенцираме дека сите измени на Законот за култура кои беа донесени пред цели  две години, во 2014 година, требаше да воспостават објективни и мерливи критериуми во изборот на вработените во институциите согласно европските стандарди и практики. Ја информираме јавноста дека овие одредби заради одложената примена сеуште не се спроведуваат во институциите  и во таа смисла, прашуваме, како синдикатот на културата ги процени и согледа нивните негативни ефекти и последици?

Министерството за култура во повеќе наврати досега  ја покажа својата цврста определеност да ги решава проблемите  во културата, во сите случаи кога тие се одраз на заедничкиот интерес на  сите вработени. Затоа, сите иницијативи и предлози кои ќе бидат институционално доставени, како барања од сите вработени во установите и од стручната фела, а не како желби на одредени поединци, ќе бидат внимално разгледани  и решени. Цениме дека во ова време кога Република Македонија се соочува со политичка криза, културата и културните работници треба да останат  имуни на политичките влијанија и поделби. Министерството за култура работи и ќе продолжи со своите активности за подобрување на положбата и стандардот на културните работници. Во моментот постои техничка влада чија задача е спроведување на избори, со лимитирани овластувања и капацитети во другите полиња и области. По завршување на изборниот процес, Министерството за култура ќе продолжи со своите активности за подобрување на стандардот и положбата на културните работници, како и досега преку дијалог и активно партнерство со репрезентативните субјекти и претставници од културната сфера.