Курц: Македонија во Париз треба да добие признание за заштитата на границата и перспектива за ЕУ

На конференцијата во Париз на Македонија треба да и се оддаде признание за заштитата на границата со Грција, и да се обноват гаранциите за македонските евро-интеграции. Ова  во изјава за МИА го нагласува Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц.

Македонија веќе прави се што е во нејзина моќ да ја заштити својата граница со Грција и да го запре напливот на илегални мигранти. Ние високо ги цениме овие напори. Мораме да сториме колку што е можно повеќе да и помогнеме на Македонија да ги заштити своите граници и да соработуваме со неа во борбата против трговците со луѓе. Исто така мораме да продолжиме и да обезбедуваме на Македонија кредибилна перспектива кон Европската Унија и да ја охрабриме да преземе натамошни политички и економски реформи. Овие натамошни реформи се од интерес како за ЕУ така и за македонските граѓани, изјави министерот Курц за МИА.

Австрија е еден од најголемите поддржувачи на Берлинскиот Процес за Балканот, кој германската канцеларка Ангела Меркел го започна во 2014 година. Австрија го организираше вториот состанок на балканските и европските лидери во Виена, на кој продолжија разговорите за подобрување на балканската инфраструктура со помош од ЕУ и за надминување на билатералните политички прашања. Во Париз денес почнува третата конференција од овој процес.

Австрија целосно поддржува кредибилна перспектива за влез во Европската Унија за сите држави од западниот Балкан. Натамошното интегрирање во Европската Унија ќе донесе повеќе стабилност и просперитет во регионот, што е наш суштински интерес. Од тие причини, Австрија во 2015 година ја организираше конференцијата за Западниот Балкан како дел од Берлинскиот Процес. Нашата цел денес во Париз е да се надоврземе на напредокот од конференцијата во Виена и да постигнеме дополнителен напредок во областите како што е развојот на прекуграничната инфраструктура, економските реформи, соочувањето со мигрантската и бегалската криза и борбата против радикализацијата, изјави министерот Курц за МИА.