250 лица повредени во земјотресот во Турција

Во силниот земјотрес со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала што вчера го погоди крајбрежното подрачје на северот на Грција, а се почувствувал во Турција, Бугарија, Македонија и на југот на Србија, повредени се над 250 лица во Турција, и едно лице во Грција, соопштија локалните власти.

Гувернерот на турската провинција Чанаккале Ахмет Чинар претходно изјави дека над сто луѓе на островот Гокчеда се хоспитализирани со помали повреди.

Според него, тие се здобиле со повреди кога во паника излегувале од своите згради, додека некои скокале од балконите.

Земјотресот оштетил неколку згради во провинцијата Чанаккале, вклучувајќи и две џамии.

Земјотресот оштетил и повеќе стари куќи на островот Гокчеда.

Повредено е и едно лице на грчкиот остров Лимнос, кога на аеродромот се урнал дел од таванот, соопшти полицијата.

Грчкиот премиер Андонис Самарас е во постојан контакт со министерот за внатрешни работи на Грција Јанис Микелакис кој се упатил на местото на потресот.

Припадници на војската се во состојба на готовност доколку биде потребно да пружат помош на локалното население.

Епицентарот на потресот, чија јачина изворно е проценета на 7,2 степени по Рихтер, а потоа намалена, се наоѓал на 77 километри југозападно од градот Александрополис, на брегот на Егејско Море, соопшти Американскиот геолошки завод.

Потресот се случил на длабочина од десет километри, околу 40 километри од границата со Турција.