Хет-трикот на Роналдо го потопи Атлетико

Во првиот натпревар од полуфиналето меѓу мадридските клубови во фудбалската Лига на шампионите, Реал на својот „Сантаго Бернабеу“ го совлада Атлетико со 3:0, правејќи голем исчекор кон финалето кое ќе се игра на 3 јуни во Кардиф. Претходно реваншот од овој двомеч ќе се игра на 10 мај на „Винсенте Калдерон“

Славата во мадридското полуфинале ја собра тројниот стрелец Кристијано Роналдо. Мрежата на словенечкиот репрезентативен голман Јан Облак Португалецот ја начна веќе во 10 минута, во 73 минута зголеми на 2:0, а конечниот удар на големиот градски ривал му го зададе во 86 минута.

Реал одлично го започна мечот и во првите половина час имаше дури десет удари кон противничкиот гол, од кои шест во рамките, па сосема заслужено водеа, бидејќи во споменатиот период Атлетико не упати ниту еден шут кон нивниот гол.

Во 10 минута Карвахал двапати се обиде да го пронајде Роналдо, во вториот обид му успеа, а португалскиот ас скокна и со глава неодбранливо биеше. Во 16 минута ударот на Варан, исто така, со глава, гостинскиот голман Облак одвај го одбрани. Во 24 минута Лука Модриќ од дваесетина минути биеше рај самата статива, а во 29 минута се обиде со„ножички“ и Карим Бензема. Атлетико конечно се закани во 32 минута кога Годин од близина ја испрати топката над пречката.

Во второто полувреме интензитетот на играта опадна и практично ништо интересно не се случуваше на теренот сé до 73 минута кога Роналдо беше стрелец по вторпат. Роналдо некако успеа да дојде до топката во шеснаесетникот покрај Фелипе, а потоа од волеј шутираше преку немоќниот Облак. Конечно, во 86 минута се случи „хет-трикот“ на Роналдо и, можеби, решението на прашањето за вкупниот победник од овој двобој. Лукас Васез со прецизно додавање го пронајде Португалецот на кој не му беше тешко уште еднаш да ја погоди мрежата на Атлетико.

Двата клубови од шпанската престолнина четврта сезона последователно се среќаваат во Лигата на шампионите, а изгледа дека Реал и по четврти пат ќе биде севкупен победник. Минатата година, како и во 2014-та, Реал беше подобар во финалето, а во 2015 година славеше против Атлетико во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

За Реал ова е 28-мо полуфинале во Лигата (порано Купот) на шампионите, од кои седмо во низа, а до сега 14 пати изборил финале. Атлетио стаса до своето шесто полуфинале во најелитното европско клупско натпреварување, а трипати стаса и до финалето, но сите трипати беше поразен.

Во среда, во второто полуфинале, се среќаваат Монако и Јувентус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.