30 години неизвесност

„Неизвесноста е имот на оние кои немаат ништо и најголема надеж на оние кои не се навикнале на доброто во животот“ – Иво Андриќ

Во ден кога барем требаше барем малку да одглумиме дека на овој костур од измрцварени души останало парче живо месо и се уште глумиме дека сме живи, демек живееме, дека имаме земја на која се плодиме, множиме одгледуваме, работиме се раѓаме и умираме, наместо ден барем спокојно да го завршиме во меланхолична рамнодушност на визуелните мизерии на спектауларно редење столчиња низ цел булевар како најголем државотворен дострел со се три авиончиња кои служат за прскање комарци да летаат гордо над нашите глави и дадат чувство дека имаме некој и нешто да не’ штити, она, државно, лажно, млазњаци фијууу… тоа не, но наша најголема опасност се комарците, да не се ремети раатот на овој далдисан, омален народ кому му откажаа сите кардани, лагери, поголеми и помали.

И сакав да ја затерам во една реченица целава колумна како да уринирам на личната мизерија што одбрав наместо светот да е моја школка, да немам меѓи, останав уцапан во оваа леплива шлајка полна со лигави луѓе. И ќе заборавев на целиот овој гастритичен ден како кога вадиш камен од бубрег, па на крај се олесниш. Да, бедата и мизеријата ја издигневме на следно ниво и ни се случи

ТРАГЕДИЈА!

БОГА ДА ГИ ПРОСТИ ЖРТВИТЕ, НЕКА ИМ Е ЦАРСТВОТО НЕБЕСНО, ИСКРЕНО И ДЛАБОКО СОЧУВСТВО

Како иронија на судбината се поклопуваат бројките на жртвите спрам (не)зависноста која можеме само да ја нарекуваме неизвесност и ништо друго. Само криминален ум може да гледа светло во тунелот и уште поголема пародија е дека само длабоко продуховен најправилно ова го гледа како голден тикет за следното патување во другата не-димензија, но ние сме духовно неписмени и масовно непричестени.

Се’ што во овие први денови се изеде фецес од изговорени зборови, а кои не содржат сочувство, молитва, емпатија, плукнете на тоа и на тој. За жал пред кампања сме и нема милост, борбата за криминалот и парите не бира средства, ниту начин, а нај-дното од сето ова, ќе го читаме деновиве.

НЕКРОФИЛИЈА

Како профит од песните на мртвиот музичар, како вредноста на сликите на мртвиот уметник, така и животите на овие маченици чија агонија и не можам да ја замислам оти умот ми се замаглува кога се обидувам да срочам чиста молитва за нивните души просто доаѓам до апсуредн ѕид на невозможното, како да стојам пред гравитациска црна дупка каде целата реалност е дисторзирана, нивната смрт ќе биде политички злоупотребена.

Останете барем вие чисти, не делувајте барем во првите неколку дена, не одете на партиски препукувања, кој е крив, како е крив, не бркајте како пропалитети кои се никој и ништо и никаде ги немаше, а сега вадат политички поени врз противникот во очај да опстанат политички, иако цела кариера им поминала по лигавење во кабинети и амабасади. Има време за покажување и докажување кој е виновен, сега е потребно само сочувство и милост, оти десетици семејства и нивни блиски се допрени од оваа трагедија и кои нема да можат да ја надминат оваа трагедија ако не покажеме солидарност, за да се издигнат над оваа траума, никој и ништо нема да им помогне како нашето верување во натприродното и кватното молитвено делување може во траорноста на хоророт.

Ако застанете за миг и гледате од трето лице што се случува и реакциите, ќе ја видите сета наша мизерија и ќе се запрашате како е можно да опстоиме? Животот ни помина во неизвесност, а трагедијава само ни укажа дека и покрај сите маки ние не извлекуваме поуки и тонењето е се пострашно, ќе исчезнуваме како во гето, не само онаа политичка анти-македонска доктрина туку и како луѓе, губеејќи го моралот, образот божји.

Чудо е само по себе што постоиме, најголем доказ дека Бог постои и дека само по негова милост опстануваме во овој трансцедентален пекол. Затоа, го држам умот во пеколот и не очајувам.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес