30 години страв

… или непотребна јавна исповест и крајно небитна колумна… а, зошто? Појма немам, ми дојде. Како и се’ во животот, воден со импулси, инстикти, без разум и рацио, но со срце… а, тоа у тахикардија!

Не, нема и „трепет“ во насловот – толку, само страв. Камо да беше и трепет, па да исповедав горделивост моја лична, ароганција, со се’ сите гревови кои ми следуваат. Моите постапки како јавна личност се ставени на суд секому, но мојата исповест, која делумно и овде јавно, преку шкрбанициве мои што ви ги пишувам, сепак остануваат само како мој личен однос со духовникот и Бог. А, веќе сум во фаза кога би ви седнал на сите како на филм, во темна просторија, со сијалица во фацата и длабок глас да ми зграми ПРИЗНАЈ… и би „пропеал“ за секоја своја постапка, грев, грешка, пад, се’ би признал и тоа и јавно ако треба до последен збор… и тоа не од страв… напротив, оти конечно некако почнав да се ослободувам од него. Полека влегувам во последната фаза. Се надевам дека ќе биде олку прекрасна.

Во ова лудо време, лажливата пролет 2021, кога светот почна да се зачауарува во сопствениот страв, кој си го оправда како грижа за општо добро, кога нај-тема во медиумите беше лажичката и крајната неспособност на се она што низ целиот свет се нарекуваа институции кои потфрлија во сопствената паника и неспособност, итро го заменија со сеење страв. И им успеа! Спектакуларно ни ги заробија и умот и телата! Што е најстрашно, оние кои беа некакви продуховени, храбри, верни, се шчучурија во своите кубични ќелии и си ги оправдаа своите постапки со општествена одговорност. Исто како што најголемите поборници за слободата беа први и најгласни во спороведувањето на откажување од слободата не врзаа како телиња, а ние блееме во „шарена врата“ – читај телевизор.

Далеку сум јас од јунак, мојата исповест е предолга, но некоја моја биографија влече до детството. На 8 години ме удира кола, ми прснува слезина, во она златно комунистичко време 24 часа лежев, внатрешно крварев и не знаеа што да ми прават на клиника. Успеаја некако после цел ден да ги развијат рентегенските снимки додека јас се м’кнев накај светлината во тунелот. Ме опериираа, ми ја извадија слезината, избурчикаа низ утробата дали остатокот е во ред и ме закрпија. Не сте виделе таков „закрп“, касапски, како Џек Мевосeк да ја терал процедурата. Мојот папок, кој треба да е во средината, и денес е поместен 5 сантиметри во десно. Исто и мојот баланс, духовен и физички. 10 години потоа почнав да добивам напади на тахикардија. Кулминираа некаде околу 27-та година кога веќе поради нив, тахикардиите, ги доживував како напади на паника затоа што 140-150 пулс кој трае половина час, губиш контрола и си  вознемирен. Млад, невоцрковен, во земја на дегенеричен здраствен систем, паѓав во очај. Живеев во некаков мачен благ ужас, страв. И конечно ми дадоа некава терапија која ме направи зомбифициран робот кој ништо не чувстува. Тој период итно го искористив да се крстам откако заради мојата самоизлоција во која живеев пар години, испрочитав се’ што може за вселената и сфатив и го почувствував Бог. Се крстив, некаде 1988-ма? Појма немам… Небитно… но, не завршија маките, тахикардиите се повторуваа одвреме-навреме. Почнав да работам на медиуми, на ТВ и некако се м’кнев, живеев со внатрешна тензија што и како ако ме начека непланирана долготрајна тахикардија. Борбата со ужасот беше поголем затоа што во тие, сепак не толку чести мигови, сепак направив семејство, кариера, а мојот ум беше потполно смирен. Не знаев што ја предизвикува. Органски и психички ок, а сепак ме држеше нерационален страв од губење контрола!?!? . Не, јас не урлав во себе, но како од еден агол свеста набљудуваше како може вакво нешто да се случува, како може да немам контрола врз ова. Што го предизвикува сево ова? Зошто Господи? Зошто?

2012 преживеав инфаркт – најдобрата работа што ми се случила во животот (!?!?). Конечно почнав да перцепирам рационално. Дотогаш, тегобата секогаш почнуваше не од главата, туку од средината на телото, некаде кај дијафрагмата, физички ви кажувам, и го смирував со храна. И дојдов до 130 кила. Духовникот ме опоменуваше, а јас очајно се молев да најдам начин како да се ослабам бидеејќи чувствував дека нема уште долго да издржам. Конечно пред 3-4 години, после децении агонија, успеав да се изборам со страста наречена јадење/бутање ѓубре и да се минусиран од 120 на 90 кг… и на подолго време, работата се смири.

Не се помирував, зошто ми се случуваше сето тоа досега! Барав одговор, за да не се повтори. Знаев дека има некаква физичка корелација во она што ми се случува, но не знаев што, затоа што со години испитувања не утврдија ама никаков физички, ни псхички, а па ни духовен проблем. Нешто сепак тлееше? Сомнеж ми остана остана, што е?

Пред неколку години почнав да се будам од сон, како и порано, а срцето ми лупа ужасно брзо… и пак сите испитувања и беше се беше во ред, но тахикардија со часови не е за ингорирање. Па каде ли е проблемот? Конечно болката во стомак ме натера да се сетам на еден преглед од пред 30 годни кога почнаа симптоимите.

Ме праша лекарот, како Шерлок Холмс да анализирам точно што се случува пред да почне нападот. Му кажав дека секогаш доаѓа од пределот на стомакот, а помислата беше дека е од срцето. Нејсе… веднаш на ЕКГ отклонија сомнеж, сепак тогаш имав 20 и кусур години, но ме ставија на една чудна машина. Ми ги врзаа рацете и нозете, ми дадоа да испијам едно чудно флуросцентно – маркер шурупче и угаснаа светло. Буквално бев распнат, верувајте ми на збор. Машината почна да ме врти како на тркало, и ме стави како на Андреов Крст, ме ставија во таква положба со главата надоле. Неверојатно беше, особено што не знаев што се случува. Во суштина они ми дале радиокативен маркер и го сликале со рентген дигестивниот тракт. На снимките имаше чудни облаци и тогаш лекарот ми рече – дете, тебе ти е лом во стомакот, вистинска бура се случува … и изговори збор кој никогаш ниту го анализирав ниту знаев што тогаш значи – рече гастритис.

Болката која пред неколку години ми се јави ме потсети. Побарав преглед кај матичната, направиивме испитувања и ми даде, конечно, еден лек кој веднаш ама сите симптоми, на болки, тахикардии и сите придружни керефеки ги отрстани. Дефинитвно гастртитис. Прва последица е што се отспав 48 часа, како никогаш дотогаш. По терапијата, терапија чај од ајдучка трева, здрава храна, реиши, контрола и пазење на каква храна внесувам. Но, сепак, гастритис е само збор за некакви деформации од повреди кои си ги влечам од сообраќајката од детството.

И без ова јас сум коркач по карактер, па сепак, во овие корона денови на сеење ветер и магла не почувствував ни страв, ни загриженост. Децении исповест, послушанија (какви-такви) причест, црква и молитва конечно почнаа да даваат плодови. Деновиве на општо лудило и слепило пак ме тераат да се прашам како и зошто скоро сите уплашено се шучурија од страв од некаква си болест. Ете, мене, најплиткиот во опит и најповршниот во верата, со послушание и со духовник се изборив. Чудо само по себе! Но те тера да се прашам. Па кај ни е верата? Ако сме Христови, тогаш зошто дијазепами, лекови, стравови? Зошто страв од лажичето? Зошто страв да се прими причест, литургија, богослужба?

Ах, секако, си го знаеме табиетот на народот – казната од 2.000 евра си го направи своето. Толку ли вредеа сребрениците со кои го предавме Него? Стравот е најголемото предаство!

Оној кој не ослободи од стравот и ја победи смртта и не направи вистински слободни, како тогаш оправдуваме стравот од сево ова?Со глумеење смиреност? Жално и тажно, колку фејк сме биле, какви лицемери, каков грд лик во оглералото. Доријане, ти си? Заникаде си станал!

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.