32 години од загинувањето на Сашко Гешовски, првата жртва при распадот на Југославија

Денеска се навршуваат 32 години од загинувањето на Сашко Гешовски, припадник на ЈНА и прва жртва при распадот на Југославија.

„Роден е во Кавадарци на 31 октомври 1971 година, основно и средно училиште завршил во родниот град. По завршување на средното образование заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА во Сплит – Р. Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пука маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и смртно го погодил со 4 куршуми. Гешовски во критичниот момент бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит“, истакнуваат изутринава во соопштение од Музеј галеријата во Кавадарци.

Тој беше првата жртва во конфликтот, што предизвика распад на Југославија во 1991 година. Во воениот конфликт во 1991 година, покрај Гешовски, од Кавадарци загина и Петре Тодоровски, роден во 1971 година.

Тодоровски загина како припадник на ЈНА на 26 јули 1991 година во касарната Љубљана – Поље, Р. Словенија. Својот млад живот го загуби како војник, додека бил на стража. Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково.