Драмата во стих „Реквием за љубовта“ ги освојува Европа и светот

Деновиве во издание на издавачката куќа „Дијалог“ од печат излезе англискиот превод на драмата во стих „Реквием за љубовта“ – „REQUIEM FOR LOVE“ од македонскиот, европскиот, па сега и светскиот драмски писател и поет Зоран Пејковски. Деновиве во издание на издавачката куќа „Дијалог“ од печат излезе англискиот превод на драмата во стих „Реквием за љубовта“ – „REQUIEM FOR LOVE“ од македонскиот, европскиот, па сега и светскиот драмски писател и поет Зоран Пејковски.  Имено, оваа битолска еврејска приказна пишувана врз вистинит настан, а чувана со децении и децении е пишувана по повод 75-годишнината од холокаустот извршен врз македонските Евреи во 1943 година, со која всушност се одбележува овој трагичен настан за Македонија и македонските Евреи.

Доказ за нејзината вредност како драмски текст е и тоа што таа ќе биде преведена на полски јазик и одиграна во театрите во Полска, потоа на романски јазик и одиграна во театрите во Романија, па на еврејски јазик и одиграна во Израел, како и во Соединетите Американски Држави, за која впрочем е преведена на англиски јазик и одиграна во еден од театрите на Бродвеј.

Инаку, ова е единствениот драмски текст досега во македонската литература преведен наеднаш на четири светски јазици, кој ќе биде одигран во европските и светските театри од еден македонски драмски писател. Секако тој се планира да биде одигран и во Македонија следната 2018 година кога ќе се одбележат 75-години од холокаустот.

За овој драмски текст рецензентот проф. д-р Јордан Плевнеш ќе напише дека „Реквием за љубовта“ е исклучителна драмска фреска во стихови“.

Тој меѓу другото ќе посочи дека:… „„Реквием за љубовта“ всушност низ тотално атипичната приказна како да сака да ги обедини во еден миг сите трансисториски датуми кои ги поврзуваат Израел и Македонија од првиот надгробен споменик со име Аврам, откриен уште во 50-та година пред Новата ера пред Исус Христа, Спасителот на светот, трагите на талмудските школи во македонските градови во средновековниот период и се разбира големата епопеја на Евреите Сефарди од Иберискиот полуостров кои прогонети од Иберискиот полуостров во 1492 година се населуваат во Македонија за да бидат и од таму прогонети прво во Балканските војни, а потоа во планетарните трагедии во Треблинка и Аушвиц во Втората светска војна. Иако Теодор Адорно напиша дека не е возможно да се пишува поезија после Аушвиц, оваа исклучителна драмска фреска во стихови со трите протагонисти и милиони антагонисти докажува дека двете историски проекции на Израел и Македонија за кои пишуваа Крсте Петков Мисирков во „За македонските работи“ и Теодор Херцл во „За еврејската држава“ објавени во 1902 година можат да бидат раскажани токму на ваков езотеричен јазик кој ги покрива сите недоброј некрополи на светската историја со Вечноста на љубовта!“….

А, пак, рецензентот проф. д-р Димитар Пандев низ студиозно гледање на драмскиот текст во стих „Реквием за љубовта“ ќе напише:…

„Во таа смисла, читајќи го најновото авторското „подрамување“ на една потресна семејна приказна од предвоена Битола која синегдохски го претставува прогонот на Евреите од Македонија, а хиерархиски функционално се подредува физички на холокаустот и/или фикционално го надраснува во својата духовна надмоќност, нашиот рецензентско – критички сеимограф од повеќе причини се консолидира со: теоријата на емпатија, во која семиотички се внедрува теорија за другиот во себеси; и теоријата за функциите на говорот во театарската претстава, која се надоврзува на полифункционалната теорија за јазикот, и се сосредоточува во општиот модел на вербалната комуникација, која го задржува вниманието врз функциите на јазикот што произлегуваат од факторите на комуникацијата“.

Двете теории, независно од нивната сложеност и од различните семиотички (когнитивно – културолошки и комуникациско – прагматички) пристапи кон нивната експликација врз голем број текстови со различна форма, содржина и особено – намена наоѓаат плодна почва за истражување на драмски односи од различен тип и вид во најновиот драмски текст на Зоран Пејковски, „Реквием за љубовта“, чија објава ја навестува 75-годишнината од егзодусот на Евреите од Македонија, како и на холакаустот врз Евреите во Втората светска војна….. Цврстите ставови на Ингарден за театарот, кои датираат од средината на минатиот век, и во кои доминира функционалниот пристап кон проучувањето на драмското дело денес одново се афирмираат во современите теориски пристапи во театарската реализација на драмскиот текст. А современите пристапи кон театарот бараат и осовременување на суштината на драмскиот текст. Нешто што беспрекорно е остварено во најновото драмско дело на Пејковски“……

Инаку, Зоран Пејковски е единствениот натуралист во македонската литература, односно она што Емил Зола, Ги де Мопасан, Пол Алексис, Анри Сеар, Леон Еник се за француската литература, Антон Павлович – Чехов како творец на лирската драма, за руската литература, Хенрик Ибзен и Стринберг за скандинавската литература, па А.Холц и Г. Хауптман за германската литература, тоа е и Пејковски за македонската литература. Тој е драмски писател, драматург, поет, прозаист, преведувач и публицист, дипломирал и магистрирал драматургија, а сега е докторант на Институтот за македонска литература – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Познато е дека неговите книжевни искуства датираат од многу поодамна, а посебно од 1987 година, кога за прв пат е одигран негов драмски текст надвор од Република Македонија, за да потоа тој започне и професионално да се занимава со книжевноста. Па би се рекло дека неговото професионално книжевно творештво е присутно цели 30 години.

Пејковски, покрај големиот број на рецензии, експертски анализи, коментари, колумни и осврти објавени низ повеќе печатени и електронски медиуми, тој има и голем број на книжевно – драмски, прозни и поетски остварувања, со кои се докажува дека тој е сериозен автор. Па така тој е автор на драмските ракописи: „Атомско време“ (трагедија, 1987); „Последниот чин на комедијата на смртта“ (трагикомедија, 1994); „За животот, љубовта и смртта“ (монодрама, 2011); „Сон“ (трагедија 2013); „Сите наши кодоши“ (македонска национална трагедија, 2014); „Самуилово распетие“ (драмска пиеса во стих, 2014); „Херувимите на Самуиловата круна“ (сценско-драмски рецитал 2014); „Со љубов кон свети Климент Охридски“ (сценско – драмски рецитал, 2015); „Апостолска чудотворност“ (драмска адаптација на драмата „Апостолска чудотворност“,2016); „Мали детски разговори“ (пиеса за деца во 4 сцени, 2016); „Избор драми-трагедии“ (трагедии, 2016); „Совршенство или смрт“ (драмска пиеса во стих во 6 сцени, со пролог и епилог, 2017); „За Македонската Библија“ (сценско-драмски рецитал, 2017); „Реквием за љубовта“ (драмска пиеса во стих во 5 сцени, со прилог и епилог, 2017, пишувана по повод 75-годишнината од холокаостот врз Евреите 1943-2018); и други.

Што се однесува до поезијата Зоран Пејковски автор е и на: „Тесно небо“ (поезија, 1993); „Реликвија на светлината“ (поезија, 1996); „Облак во пантолони“ (препев од руски на поемата на Владимир В. Мајаковски, 1997); „Relic of the light“ (поезија на англиски јазик, 1998); потоа „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999); па „Сега знам“ (поезија, 2014); „Градот на Јужното Море“ (роман, 2015); „Да не ми е сон“ (поезија, 2016); „Златна прашина“ (поезија, 2016); „Sa nu-mi fie vis“ (поезија на романски јазик, 2016); „Македонски Стар и Нов Завет“ (поема, 2017); и „Да не ми е сон“ (поезија на четири јазици, македонски, француски, романски и влашки јазик, 2017); Тој е и автор и на публицистичките книги: „Театарот е ритам и стил“ (публицистика, 2002); „Театарот е фабрика за соништа“ (публицистика, 2012); и други.

Кога станува збор за наградите и признанијата, македонскиот драмски писател Зоран Пејковски за својот книжевно – драмско – прозни и поетски опус има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои: „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно – просветната заедница на Македонија, во 1992 година; наградата „Празник на липите“, во 2012 година, која ја доделува ДПМ на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“, во 2014 година, како и наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола, за книжевност и литература, за 2014 година, за драмскиот текст „Сите наши кодоши“ и збирката песни „Сега знам“. Тој во 2016 година ја добива и наградата „Јован Котевски“ за збирката песни „Златна прашина“. Истата 2016 година ја добива и наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз, како и наградата „Прозни мајстори“ за романот „Градот на Јужното море“. При крајот на 2016 година македонскиот драмски писател Зоран Пејковски од НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола ја добива наградата „Св.Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата.

 

Воедно, за македонскиот драмски писател Зоран Пејковски може да се напомене дека во 2016 година, од институцијата Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France, е назначен за почесен амбасадор на мирот. Оваа титула, која е доделена од Швајцарија и Франција, им се доделува на големи книжевни и уметнички имиња кои ја презентираат литературата од земјата од каде што потекнуваат во европски и светски рамки, но и за нивен придонес за човештвото во Европа и светот, со која титула сега Зоран Пејковски македонската литература ја донесе во европските и светските меридијани, а тој, самото посебе, станува не само македонски, туку и европски и светски писател.

Што се однесува, пак, до 2017-та година, Зоран Пејковски ја добива и наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски јазик, а станува збор за поемата „Македонски Стар и Нов Завет“, а го добива и признанието за најдобар автор претставен пред велешката публика од страна на библиотеката „Гоце Делчев“. Исто така во 2017-та година на светскиот ден на поезијата е примен за редовен член на Друштвото на поети на светот „Поетас дел мундо“ – “Poetas del mundo” (www.poetasdelmundo.com/detalle-poetas.php?id=9352),чии претседател е академикот Атанас Ванчев де Траси, француски поет од Париз, (Athanase Vantchev de Thracy), а генерален секретар е Луис Ариас Манзо од Чиле (Luis Arias Manzo-Fundador – Secretario General del Movimiento Poetas del Mundo).

За Зоран Пејковски, исто така, може да се каже дека е член на Друштвото на писатели на Македонија – Скопје од 1995 година; член на Собранискиот одбор на ДПМ- Скопје; член на Македонското научно друштво од Битола и член на неговиот Управен одбор; претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола; главен и одговорен уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола; а бил раководител на Центарот за култура, литература, драмска уметност, филм, издаваштво, кој работи во рамките на Македонското научно друштво, и главен и одговорен уредник на списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ кое излегува во рамките на МНД; потоа тој е и главен и одговорен уредник на регионалниот информативен неделник „Јавност“ од Битола, а е член и на Сојузот на независни писатели на Бугарија, како и член на Хрватското друштво на писатели, и на многу други меѓународни книжевни движења и асоцијации.

Притоа треба да се истакне дека Зоран Пејковски е преведуван и препејуван на повеќе странски јазици: англиски, француски, српски, хрватски, црногорски, босански, словенечки, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, полски, шпански, романски, влашки, монголски итн. Тој меѓу другото, работи и на театарски рецензии, литературни критики, како и на сценарија за краткометражни играни филмови. Сиве овие негови книжевно – драмско – прозни и поетски остварувања го потврдува квалитетот на високо етаблиран писател на повеќе жанрови литература, а преводите и препевите на повеќето странски јазици го потврдуваат тоа.