Десетици граѓански организации против Законот за минерални суровини: Се распродава природното богатство

Триесет и три граѓански организации се противат на измените на Законот за минерални суровини кои Владата предлага да бидат усвоени на собраниската седница закажана за наредниот понеделник по скратена постапка.

Според невладините предложените законски измени содржат големи пропусти за заштитата и одржливото користење на минералните суровини како најзначајни природни ресурси на државата.

Бараат експертската јавност и сите заинтересирани граѓани да бидат вклучени во процесот на усвојување на законот во редовна постапка.

„Предложените измени се многу сериозни и се однесуваат праткично на олеснување на постапката за добивање концесија. Напротив наместо како што требаше да се анализараат тие постапки и да се направат потранспарентни и побезбедни за здравјето на граѓаните, сега се оди кон олеснување. Се отфрла обврската за доставување на техничко-технолошки елаборат со јасно декларирање на постапката и видот на хемикалиите што ќе бидат употребени во концесијата“, рече Лилјана Поповска, НВО „Зелен институт“.