35 лица обвинети за објавување на снимката од масакрот во Крајстчрч

Полицијата на Нов Зеланд покрена обвиненија против 35 луѓе ширум земјата кои го поседувале или споделувале видеото од пукањето во џамијата Крајстчрч во кој се убиени 51 лица, а заради свесното споделување на снимката со вознемирувачка содржина на некои од нив им се заканува казна затвор и до 14 години.

Во информациите објавени во склад со Законот за службени информации, полицијата извести дека од 21 август поднесени се 35 обвиненија во врска со поседување на видео записот од масакрот кој се случи во март оваа година.

Обвиненијата довеле до 14 кривични пријави, 10 упати до Судот за малолетни лица и едно писмено и осум вербални предупредувања.

Напаѓачот, 28-годишниот Австралиец Брентон Тарант се наоѓа во притвор и е обвинет за убиство. За време на својот крвав пир тој го снимаше нападот врз џамиите и го емитуваше на Интернет.

Властите на Нов Зеланд ја забранија дистрибуцијата на видеа поврзани со нападот.

Судското рочиште на кое ќе се слушнат обвинувањата и објаснувањата на Австралиецот, ќе се одржи на 4 мај 2020 година. Неговото судење може да трае од 6 до 12 недели.