Есенва нова компилација на пионерот на панкот Џо Страмер со необјавените песни

Есенва излегува новата компилација на Џо Страмер, еден од основачите на легендарната панк-рок група The Clash, наречена „Joe Strummer 001“, којашто ќе се фокусира на кариерата на пејачот надвор од матичниот бенд, а ќе ја опфати неговата работа со групите The 101ers и The Mescaleros, како и соло албумите и музика за филм.

Албумот, кој ќе биде објавен на 28-ми септември, вклучува 12 досега необјавени песни, од кои една е „London Is Burning“, којашто датира од 2002 година. Станува збор за рана алтернативна верзија на песната „Burnin Street“ од „Streetcore“, последниот албум на The Mescaleros, пишува оваа седмица магазинот Uncut.

Материјалот „Joe Strummer 001“ ќе се појави како двојно ЦеДе, четирикратен винил и дигителен даунлод, како и во форма на лимитирана делукс верзија којашто ќе содржи книга од 64 страници со ракописи, стихови, фотографии и цртежите од личната архива на Страмер. Сите изданија ќе содржат ремастерирани песни кои досега никаде и никогаш не биле објавени.

Необјавениот материјал ја вклучува и раната демо верзија на нумерата „This Is England“ под насловот „Czechoslovak Song/Where Is England“, како и оние кои не беа објавени во саундтракот за филмот „Sid & Nancy“, на коишто се појавува и соосновачот на The Clash, Мик Џонс.

Џо Страмер, еден од пинионерите на панкот, пејач, гитарист, текстописец и политички активист, почина во декември 2002 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.