ВМРО-ДПМНЕ: Со противзаконското поставување на полицискиот командир во Прилеп, Спасовски штити криминал

Командирот на Полициската станица Прилеп е противзаконски поставен и поради тоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски итно мора да го разреши затоа што во спротивно штити криминал, велат од Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и додаваат дека во досегашното владеење на СДСМ виделе само непотизам, делење милионски тендери на нови фирми, фирми блиски до функционери на СДС, виделе непочитување на законите и процедурите, виделе се’ освен работа и реализација на значајни проекти.

„Денеска го прашуваме министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалникот Јованоски и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талески, дали незаконски, односно без да ги исполнува потребните услови, за командир на ПС Прилеп е поставен Кире Спиркоски? Неговата биографија вешто се крие од денот на неговиот избор кога советниците од ВМРО-ДПМНЕ побараа информација за тоа кое е неговото образование? На ова прашање одговорот беше високо! Го прашуваме министерот Оливер Спасовски дали е вистина дека Кире Спиркоски има завршено на еден приватен факултет во Струга, но со 180 кредити?, прашуваат од таму.

Велат дека во законот за внатрешни работи јасно е наведено дека командир на полициска станица треба да има 240 ЕКТС.

„Исто така, во систематизацијата на ПС Прилеп јасно стои дека командирот на ПС Прилеп треба да има завршено факултет од областа на безбедноста, правен или економски со 240 кредити или VII/1 степен. Прашуваме, дали е вистина дека истиот во минатиов период е студент на еден приватен факултет во Битола, со цел да дозаврши за да стекне 240 кредити, како што е и потребно за законско назначување?Ги повикуваме Спасовски, градоначалникот Јованоски и претседателот на Совет Талески, да одговорат на горе поставените прашања затоа што прилепчани го заслужуваат тоа. Законите во Македонија мора да се почитуваат и да важат еднакво за сите! Само така ќе имаме држава, која ќе оди напред. Оваа ненародна власт мора што поскоро да си замине, за доброто на сите, за доброто на Македонија!“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.