39 граѓани на Авганистан од Македонија заминаа за Канада

Заврши привремениот престој во Македонија за нова група од 39 граѓани на Авганистан. Претпладнето од Меѓународниот аеродром Скопје заминаа за Канада којашто им обезбеди престој во здружената глобална акција за помош на авганистански цивили.

Се работи за вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ (Open Government Partnership – OGP) каде што Македонија е официјално членка.

Во рамките на спасувачката мисија, во Македонија во моментов престојуваат 503 авганистански граѓани кои се згрижени од институциите со целата потребна поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 217 цивили на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот.