Спорт

Холандија ја декласираше Германија, Гибралтар за историјата

Холандија ја декласираше Германија, Гибралтар за историјата

Во дербито на вечерта во Лигата на нациите на УЕФА, Холандија во Амстердам ја „разби“ Германија со 3:0, што е првата победа на „лалињата“ против „панцирите“ по цели 16 години, а за изненадувањето на вечерта се погрижи Гибралтар кој е во групата во којашто лидер е македонската фудбалска селекција, откако во Ереван со 1:0 против Ерменија ја оствари воопшто првата победа во кусата историја на континентнаталните натпреварувања.

Последната победа на Холандија над германската селекција беше во ноември 2002 година, со резултатот 3:1, а потоа три средби на овие противници завршија без победник, а двапати триумфираше Германија.

Холандија поведе со голот во 30 минута кој беше дело на Виргил ван Дијк по изведениот корнер. Од аголот нафрли Мемфис Депаи, Рајан Бабел шутираше со глава во стативата, а ван Дијк ја смести топката зад грбот на Мануел Ноер. Во продолжението на мечот Германија имаше низа можности да израмни, но нејзините фудбалери не успеваа да го совладаат Јаспер Силесен. Сите дилеми околу победникот беа решени во 87 минута, кога домашните играчи изведоа брз противнапад кој го реализираше Депаи. Три минути подоцна истиот играч ја погоди стативата, а во третата минута од судиското продолжение за Холандија стрелец беше Георгинио Вијналдум.

За Холандија ова беше првата победа во Групата 1 од најквалитетната група во Лигата нациите, откако во првото коло загубија кај Франција со 1:2, додека Германија во првиот меч одиграа 0:0 со Франција, а сега го запишаа првиот пораз и вториот меч без постигнат погодок. За три дена Германија ќе гостува кај светскиот првак Франција којашто води во групата со четири бода. Холандија има три, а Германија еден бод.

За изненадувањето на вечерта заслужни се аматерите од Гибралтар кои на гости ја совладаа Ерменија со 1:0. Ова е првата победа во некој официјален меч на оваа британска енклава на Иберискиот полуостров откако во мај 2013 година стана членка на Европската фудбалска федерација.

Гибралтар, кој се наоѓа на 198-то место на рангирањето на ФИФА, досега нанижа 22 порази со негативна гол разлика од дури 4:107. Најмалата членка на УЕФА има досега само две победи во пријателски средби, и тоа против Малта во јуни 2014 и против Латвија во април оваа 2018 година.

Ерменија доминираше од првиот свиреж на судијата и упати дури 35 удари кон голот на Кајл Голдвин, меѓутоа гостите успеаја да се одбранат. Пресуди голот на Џозеф Чиполино во 50 минута од пенал.

Во ова четврта група Македонија го совлада очекувано Лихтенштајн во Скопје со 4:1, што е третата победа и се зацврсти на првата позиција.

Во дуелот од Групата 1 од втората квалитативна група, Чешка во Трнава ја совлада Словачка со 2:1. По слаборто прво полувреме, второто донесе одличен фудбал, а гостите на крајот освоија три важни бода во борбата за првата позиција, додека Словаците по двата пораза практично се отпишани. Головите за чешката селекција ги постигнаа Михаел Кременчик во 52 и Патрик Шик во 76 минута, додека стрелец за Словачка беше Марек Хамшик во 62 минута.

По двете кола на врвот од минитабелата е Украина со шест бодови, Чешка има три, а Словачка е без бодови.

Во Групата 4 од оваа класа Ирска и Данска ремизираа без голови, па Данците го преземаа водството во групата со четири бодови, Велс има три, а Ирска еден бод.

Во Групата 3 од Лигата Ц, Бугарија дома го совлада Кипар со 2:1, што е третата победа за оваа селекција. Гостите поведоа во 41 минута преку Јоргос Кастанос, но во вториот дел домашната селекција направи целосен пресврт преку Кирил Десподов во 59 и Тодор Неделев во 67 минута. Во вториот меч од истата група Норвешка во Осло ја победи Словенија со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Оле Селнаес во судиското продолжување од првото полувреме.

На табелата во оваа група води Бугрија со сите девет бодови, Норвешка сега има шест, Кипар има три бода, а Словенија разочара доживувајќи го третиот пораз.

Во Групата 1 од последната лига Д, Латвија и Казахстан ги поделија бодовите играјќи 1:1, а стрелци беа Заинтудинов во 16 минута за гоститѕе, и Карашауксас во 40 минута за домашните. Грузија беше убедлива со 3:0 против аутсајдерот Андора, а головите ги постигнаа казиашвили во 33 и 84 минута, како и канкава во петтата минута од судиското продолжение.

Грузија е во водство во оваа група со сите три победи и девет бода, Латвија има три бода, а Андора и Казахстан по два бода.