Прошталното писмо на Бодлер продадено за 234.000 евра

Прошталното писмо на францускиот поет Шарл Пјер Бодлер во коешто најавува соубиство, продадено е на наддавање за 234.000 евра, што е трипати повеќе од очекуваната цена, објавено е на интернетската страница на француската аукциската куќа Osenat.

Писмото датирано од 30-ти јуни 1845 година го адресирал до својата љубовница Жана Дувал. Тогаш имал 24 години. Се обидел да го изврши истиот ден, но не му успеало да го заврши животот.

Во писмот Бодлет и’ пишува на Жана дека има намера да си го одземе животот. „Во моментот кога ќе го читаш ова писмо, мене повеќе не ќе ме има… На овој чекор се решив, бидејќи повеќе не можам да живеам, ниту да го носам товарот на животот…, секојдневното заминување на спиење и повторното будење“, стои во прошталната порака.

Поетот, кој целиот свој живот имал финансиски тешкотии откако го потрошил семејното наследство, си забил нож во градите, но само полесно се повредил и преживеал. Потоа живеел уште 22 години, пишувајќи многу ремек дела на француската поезија. Меѓу нив е и збирката „Цвеќињата на злото“, кои многумина го сметаат за најзначајното лирско дело на XIX век. Новата поетска форма ја создал со збирка поетски цртички под насловот „Сплинот на Париз“.

Бодлер пишувал одлични ликовни критики, а се истакнувал и како преведувач. Бил еден од првите Французи кои го забележале и истакнале генијот на Вагнер. Обележан е како блудник и отфрлан како симбол на боемството и развратот, со своите песни кај современиците ги проширил подрачјата на поетското, но ниту во текот на животото, а ниту првите децении по смртта не се стекнал со заслуженото признание. Влијаел на поетскиот израз на генерации француски поети. Починал 1867 година од последици на сифилис, кои во тоа време не се лекувал.