Анѓушев убеден дека проектираниот раст од 3,2 отсто за 2019-та ќе биде реализиран

Проектираниот економски раст од 3,2 отсто следната година со сигурност ќе се реализира, откочени се крупните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, а покрај нив сериозни активности се очекуваат и со интензивирање на гасификацијата , како и инвестиции во енергетиката,. оцени во саботата вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на презентацијата на економските програми од Буџетот за следната година.

Анѓушев рече дека планиран е раст на бруто-инвестиците на реална основа од 4,2 отсто, 26,2 милијарди денари за капитални инвестиции, од кои 5,2 милијарди денари во патната и железничката инфраструктура, при што за железницата ќе се потрошат 44 проценти повеќе средства. Догодина ќе има за 80 отсто повисок буџет за гасификацијата, 3,3 милијарди денари ќе се вложат за рурален развој, а 475 милиони денари ќе има капитални инвестиции за доградба на инфраструктурата во технолошко-индустриските развојни зони.

„По слабите резултати на БДП во првиот квартал, остварениот раст од 3,2 проценти во вториот квартал, во третиот и во четвртиот квартал годинава, очекуваме добри бројки и сметаме дека БДП во 2019 година со сигурност ќе се реализира затоа што се откочени клучните проекти за автопатиштата, интензвино се работи на експресните патишта, а се деблокира и изградбата на железницата на Коридорот 8“, рече Анѓушев.

Според него, сериозен импакт врз економијата се очекува и од енергетскиот сектор каде по стапувањето во сила на новиот Закон за енергетика и подзаконските акти коишто ќе следат се создаваат предуслови за резултати со инвестиции фокусирани на обновливите извори на енергија.

„Следната година ќе биде година на економијата, економскиот раст и подобар живот за граѓаните“, потенцираше Анѓушев, истакнувајќи дека радува што носител на растот е и ќе биде реалниот сектор, а не виртуелните бројки.