Ѕанакопулос: За договорот од Преспа постои мнозинство во грчкиот парламент

Секогаш сметав дека Договорот од Преспа, на балансиран, праведен и корисен начин ги решава прашањата што предизвикуваа сомнежи и поделба меѓу нашата земја и ПЈРМ, вели министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос.

Тој во интервјуто за грчката новинска агенција АNА-МPА додава дека доставените уставни амандмани, но и последните изјави на македонскиот премиер Зоран Заев го потврдуваат овој став, а паралелно ги уриваат аргументите на Нова демократија.

Ѕанакопулос потенцира дека ратификацијата на Договорот од Преспа им служи на интересите на Грција и на поширокиот регион и изрази убедување дека ќе добие мнозинство од грчкиот парламент.

„Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена“, вели Ѕанакопулос.

Според него, треба приоритет да бидат интересите на земјата, а не предизборните тактики или партиските стремежи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.