Почина морнарот од култната фотографија „Бакнеж“ од 1945-та

На возраст од 95 години, почина Џорџ Мендоса, морнарот од култната фотографија од 1945 година на која ја бакнува медицинската сестра на њујоршки Тајмс Сквер прославувајќи го завршувањето на Втората светска војна.

Шерон Молеур, ќерката на Мендоса, за весникот Providence Journal, изјавила дека нејзиниот татко починал во неделата во домот за стари лица во Мидлтаун во американската сојузна држава Род Ајленд. Таму живеал со сопругата со која минал во брак дури 70 години.

Мендоса на фотографијата ја бакнува забната техничарка Грета Цимер Фридман, облечена во униформа на медицинска сестра. Снмимена е на 14-ти август 1945 година на Денот на победата над Јапонија (V-J Day). Луѓето излегле на улиците на Њујорк за да ја прослават радосната вест.

Фотографијата ја снимил славниот Алфред Ејзенштадт, познат по фотографијата од првата средба на фашистичките водачи Адолф Хитлер и Бенито Мусолини од 1934 година, а веќе следната година емигрирал во САД. Фотографијата од Тајмс Сквер објавена во магазинот Life, стана симбол на крајот на Втората светска војна и една од најславните фотографии од XX век.

Иако никогаш претходно ниту ја видел ниту ја запознал, Мендоса, како што самата Цимер Фридман раскажува во интервјуто од 2005 година, само „ја зграпчил и ја бакнал“. Минале многу години додека главните протагонисти од фотографијата не успеаја да потврдат дека токму тие се на неа.

Мендоса во текот на војната бил морнар на разурнувач. Дошол на отстуство и требало да се врати назад кога била објавена веста за завршувањето на војната со Јапонија. За бакнежот на Тајмс Сквер зборуваше кога му го врачуваа одликувањето во „Род Ајленд Стејт Хаус“ во 2015 година. Тогаш рече дека Фридман го потсетила на медицинските сестри во воените болници кои се грижеле за ранетите морнари.

Во споменатото интервју од 2005 година, Фридман рече дека сѐ се случило ненадејно. „Само дојде, ме зграпчи и ме бакна. Тоа навистина беше прослава, ништо романтично“, рече. Почина во 2016 година, на 92-годишна возраст во Вирџинија. Во САД се доселила од Австрија во текот на војната, на 15-годишна возраст.

Авторот на фотографијата во книгата „Eisenstaedt on Eisenstaedt“ напиша дека тогаш и самиот френетично трчкала по Тајмс Сквер со апаратот „Leica“ во рацете барајќи интересен мотив кога во еден момент ја забележал двојката. „Ги забележав и го овековечив моментот. Доколку таа беше облечена во потемна облека, фотографијата никогаш не би настанала“, напиша Ејзенштадт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.