Трајко Вељаноски ги скара СДСМ и ДУИ

169

Тешки обвинувања си разменија коалиционите партнери СДСМ и ДУИ откако синоќа Собранието не донесе одлука по барањето на Кривичниот суд за одземање на пратеничкиот мандат на Трајко Вељаноски од ВМРО ДПМНЕ.

Собранискиот спикер нема конкретен одговор зошто синоќа не ја стави на гласање точката за барањето за одземање на имунитетот на Вељановски пред да истече рокот на полноќ, за две минути подоцна по тензички дофрлања и кавги меѓу пратениците да ја прекине седницата без да се донесе одлука.

Џафери во своја одбрана отфрлајќи било какви сценарија за спас на Вељаноски вели дека постапувал согласно процедурите.

„Се водам од уставните принципи при работата, а секој однос меѓу властите треба да биде пропишан во одредена процедура“, рече Џафери.

Пратениците од СДСМ со остри критики и обвинувања „удрија“ по собранискиот спикер Талат Џафери. Мухамед Зекири гласно го обвини Џафери за договор меѓу Интегративците на Али Ахмети и пратениците од ВМРО ДПМНЕ за да се спаси Вељаноски од притвор.

„Талат Џафери е искусен пратеник и во минатото успевал да менаџира седници што биле далеку потензични од синоќешната. Во ниту еден момент немаше навреди упатени кон него. Одговорноста за неуспехот на собранието да донесе одлука за барањето на судот за одземање на имунитетот на пратеникот Џафери не може да ја префрла на други. Мнозинството беше тука и спремно да гласа и да му овозможи на судот непречено да ги продолжи своите процеси. Прашање е дали Талат Џафери свесно одработи за ВМРО-ДПМНЕ, односно Вељаноски да не се соочи со правдата“, рече Зекири.

Во одбрана на Џафери, пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Според организацискиот секретар на ДУИ до синоќешната драма немало да дојде доколку претседателот на Комисијата за деловнички и имунитетно-мандантни прашања постапел онака како што се договориле односно ако се почекало пристигнувањето на пратеничиката Мирсада Асани, како замена за Агим Шаќири кому во текот на собраниската расправа во саботата му се влошила здравствената состојба.

„На синоќешната седница во определеното време сите пратеници на ДУИ беа присутни на седницата од претседателот Ахмети до болниот пратеник Агим Шаќири за да гласаме за одземање на имунитетот. За жал, на седницата пратениците не можеа да се воздржат од дофрлувања и навреди кон претседателот на Собранието во моментот на гласање. Ништо од тоа што се случи, немаше да се случи, доколку претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ја ставеше одлуката на гласање во 23 часот како што бевме претходно договорени, доколку тој не се договореше со ВМРО-ДПМНЕ, исклучувајќи ја ДУИ и да ја стави во заеднички договор со нив одлуката за гласање во 21 часот, без да не информира и без да не почека“, вели Груби.

Богоевски во своја одбрана вели никој не го информирал дека е пратено возило во пратеничката од Гостивар и дека треба да се чека нејзиното пристигнување. Независниот пратеникт тврди дека во три наврати телефонски се обидел да ја добие пратеничката Асани, но таа не му одговарала на повиците.

„Два пати ми го спушти телефонот, а третиот обид најверојатно по грешка крена и 12 секунди ми молчеше на слушалката пред да ја прекине врската. Оттогаш јас престанав да ја барам. Во моментот на почнува на последното продолжување на комисиската седница, јас немав потврда дека колешката ќе дојде, ниту, пак, дека возило е испратено по неа. Единствена работа полоша од тоа Комисијата да нема став е Комисијата да нема кворум и врз основа на тоа да не може да гласа. Доколку чекавме со гласањето се што требаше да направат ВМРО -ДПМНЕ е во моментот на гласањето да излезат од салата, и ако колешката Хасани не беше присутна во салата, ние немаше да имаме кворум, да гласаме и да поднесеме извештај во предвидените рокови до претседателот на Собранието“, рече Богоевски.

Заедничкиот кандидат за претседател причина плус за тензии меѓу СДСМ и ДУИ!?

Според информации од политичките партии, последните случувања и размената на сериозни обвинувања меѓу пратениците од СДСМ и ДУИ се последица на застој во преговорите за заеднички претседателски кандидат меѓу премиерот Зоран Заев и неговиот коалициски партнер Ахмети. Според овие информации, двајцата лидери не успеваат да ги усогласат ставовите околу тоа кое ќе биде името зад кое заедно ќе застанат на претстојните претседателски избори.

Иако одлука за ова Заев најави за до крајот на минатата недела сепак тоа не се случи. Заев денеска изјави дека процесот на разговори за заеднички кандидат продолжуваат.

„Ние утревечер имаме координација. Дотогаш очекуваме сублимат од сите политиички партии за нивни сугестии околу анализите кои ги направија, но и да сугериираат конкретни имиња, рече.

Заев и покрај собраниските тензии и денешниот бојкот на пратениците на СДСМ кон Џафери вели дека нема поголеми проблеми меѓу коалициските партнери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.