Чешки пратеник спореди ЕУ директива со холокаустот

Чешкиот пратеник Вацлав Клаус помладиот, синот на поранешниот претседател, предизвика остри реакции кога европската директива за заштита на податоците позната под кратенката GDPR, ја спореди со холокаустот.

Весникот Lidove Noviny пренесува во средата дека Клаус сакал да илустрира дека државите членки на Европската унија имаат малку или никаква автономија кога станува збор за примената на насоките од Брисел.

„Единствено за што одлучуваме е дека оваа болна жена нема да ја испратиме сега, туку со следниот воз. Покрај тоа, само го правиме она што ќе ни се каже“, рекол Клаус.

Челникот на Граѓанската демократска партија, Перт Фиала, побара извинување за оваа „неумесна споредба“. Другите пратеници, пак, му порачаа на Клаус, кој е пратеник од 2017 година, „под итно“ да се запознае со политиката на ЕУ.