Јанушев: Заев и Пендаровски ќе ја платат цената за криминалот и деструктивните политики

Премиерот Зоран Заев и претседателскиот кандидат на владејачките СДСМ и ДУИ Стево Пендаровски се соочени со пораз од граѓаните, тие знаат дека дојде времето да ја платат цената за криминалот, корупцијата и распродажбата на државните и национални интереси во овие две години, рече во средата Игор Јанушев, генерален секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ..

Затоа Заев и Пендаровски, истакна Јанушев, се во паника и запопчначе со закани, насилство и злоупотреби уште во првата половина од предизборната кампања.

„Десет дена изборна кампања, десет дена изборни прекршување, корупција, незаконски вработувања и користење државни ресурси за партиски цели. Власта наместо да го почитува законот ги злоупотребува институциите и државните ресурси. Ветуваа дека нема да ги злоупотребуваат институциите, а го прават сосема спротивното. Возилата на АВРМ се користат за партиски цели. Видовме од медиумите дека директорката на АВРМ заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, со возило на Агенцијата за вработување беа на партиска трибина во Делчево. Исто така возило на Агенцијата е сликано во Радовиш полно со пропаганден материјал за Пендаровски“, посочи Јанушев.

Потенцираше дека станува збор за класичен пример за злоупотреба на државни средства за партиски цели.

„СДСМ ја избриша границата меѓу државата и партијата. Зоран Заев и Стево Пендаровски знаат дека губат, затоа вршат и злоупотреби. Заев и Пендаровски знаат дека губат и токму затоа во ек на избори, спротивно на Изборниот закон ја полнат јавната администрација“, рече Јанушев.

Посочи дека во периодот кога е забрането вработување во државната и јавната администрација, има повеќе од 600 вработувања во јавните претпријатија во Град Скопје, коишто ќе го чинатглавниот град над 350.000 евра месечно или повече од летири милиони евра годишно. Вработувања, исто така, продолжи Јанушев има и во Царината и во јавнито претпријатеи „Македонија пат“.

„Паниката се гледа и во насилното однесување на активистите на власта. Имено сите видовме видео материјал кој се прошири на социјалните мрежи, а од кој се гледа како едно лице уништува пропаганден материјал и му се заканува на активист на ВМРО-ДПМНЕ затоа што овој му вели да не ги кине плакатите на професорката Гордана Силјановска Давкова. Исто така, сведоци бевме и на видео кое се појави на социјалните мрежи пред неколку дена каде повеќе лица го запреа претседателот на УМС на ОК на Кисела Вода и од неговото возило насилно му го одзедоа пропагандниот материјал“, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Јанушев оцени дека во СДСМ се свесни за изборниот пораз кој им претстои, бидејќи граѓаните не ги поддржуваат нивните деструктивни политики.

„Граѓаните не ги поддржуваат лошите резултати во економијата, распродажбата на државните и национални интереси, криминалот, корупцијата, непотизмот. СДСМ ја зацрни државата во изминативе две години. Република Македонија не смее да продолжи по истиот пат како до сега. Република Македонија нема потреба од нов Зоран Заев. На Република Македонија и треба претседател кој ќе се грижи за нејзините интереси и ќе ги почитува Уставот и законите, таков човек е токму професорката Гордана Силјановска Давкова. Затоа на 21 април и на 5 мај да ја дадеме поддршката за жената која ќе донесе нов пристап во државната политика“, порача Јанушев.