Шест проекции за затворање на 22. „Скопје филм фестивал“

Со проекции на трите филмови „Божја љубов“, британскиот „Реј и Лиз“ и „Хотел Мумбаи“ во кино „Фросина“ и на уште три во Кинотека, меѓу кои последниот од Ретроспективата на Мето Јовановски, „Куќа покрај пругата“ и „Ел Пепе еден возвишен живот“, вечер завршува 22. „Скопје филм фестивал“.

На фестивалот беа прикажани повеќе од 50 нови филмови, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. Филмовите беа распоредени во програмите Фокус на француски филм, Гала проекции, Програма на европски филм, Панорама на светски филм, Денови на квир кино, Кратки филмови,  Документарни филмови, Македонска продукција, како и Омаж на големиот македонски актер, Мето Јовановски.

Во рамки на „Скопје филм фестивал“ се одржаа и две работилници, гостуваа нови европски филмски имиња, а имаше и промоции и дискусии.

Фестивалот се отвори со македонска и светска премиера на „Втора шанса“, долгометражниот првенец на режисерката Марија Џиџева, а премиерно беа прикажани и кратките македнски филмови „Запирка“ во режија на Сезер Салихи и новиот краток филм на Ана Јакимска „Неонски срца“.

Ретроспективата во чест на големиот Мето Јовановски  се одржуваше во Кинотека и во рамки на оваа програма беа прикажани осум филмови, меѓу кои култниот „Тетовирање“ (1991) и поновиот „Пресуда“(2014) на режисерот Стефан Командарев.

Од лани „Скопје филм фестивал“ почна со „Денови на Квир кино“, програма што продолжи и годинава.

Во кафе – киното „Котур“ публиката имаше можност да се сретне со Кахејн Куперман, американска продуцентка и режисерка на документарниот филм „Виолината на Џо“, кој во 2017 беше номиниран за Оскар. По проекцијата на филмот „Фрик и шик“ за Жан Пол Готје, се одржа дискусија за модата и родовите, сексуалноста и перформативноста со специјална гостинка Луиз Валенберг, професорка по модни студии во Центарот за модни студии при Универзитетот во Стокхолм. Дискусијата ја водеше Кристина Глигоровска, модна истражувачка.

Гости на фестивалот беа и селекторот Навид Сарем од Франција и актерката од филмот „Киселина“, Анастасија Евграфова.

Автор на плакатите за годинашното издание на фестивалот и омажот на Мето Јовановски е македонскиот дизајнер Зоран Кардула.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.