Шкупи од готово направи вресија со Пјуник, водеше 3-1 а на крајот ремизираше

Шкупи имаше водство од 3-1 на гостувањето кај Пјуник, но во финишот прими два гола и дозволи домаќинот да извлече реми 3-3 во рамки на првото квалификациско коло од Лигата на Европа.

Пјуник поведе со 1-0 од пенал во 4.минута, но потоа следуваше целосен пресврт на чаирчани. Капитено Муарем Бајрами погоди за 1-1 во 26.минута, а пред крајот на првиот дел Дарко Илиески со глава погоди за водство од 2-1.

По еден час игра, Бајрами повторно погоди од слободен удар за водство од 3-1, а на голот му кумуваше и противничкиот голман со очајна интервенција.

Сепак, скопскиот тим попушти во последните 10 минути, па дозволи два гола во 80-тата и 85-тата минута во својата мрежа и прокоцка сигурна победа.

Реваншот е за седум дена во Скопје на арената „Тодор Проески“.

Пјуник досега три пати играше со македонски екипи во Европа, вкупно шест меча, а ова им беше и седми и беа најблиску до пораз. Арно ама, пак не загубија. Како да има „магија“ врз нашите претставници кога станува збор за пресметките со ерменскиот клуб.