Емотивен говор на Макрон во Белград: Србија е во нашите срца, денес и засекогаш

1117
FOTO TANJUG/ DRGAN KUJUNDZIC/ nr

Франција знае што сѐ ѝ должи на маченичката и храбра Србија од времето на Големата војна, што им должи на нејзините војници кои загинаа за денес ние да живееме во слобода, Франција ве сака, како што вие ја сакавте неа, порача во понеделникот вечерта францускиот претседател Емануел Макрон, во обраќањето на српски и француски јазик на белградки Калемегдан, пред споменикот на Благодарноста на Франција и неколку илјади жители на српската престолнина.

„Ја сакаме Франција, како што таа нѐ сакаше нас“, пишува на споменикот, а Макрон, цитирајќи ја пораката, возврати на српски „Ред е да кажам јас во името на својата земја: Франција ве сака, како што вие ја сакавте неа“.

„Франција нема да ја заборави пролиената крв на српските синови и ќерки и непресушната болка која ја преживеале во Првата светска војна, жртвата и страшните искушенија кои ги понесе српскиот народ“, рече Макрон читајќи го говорот на српски, и споменувајќи ги Србија и Франција со раката положена на градите, бурно поздравен со аплауз од неколкуте илјади луѓе кои мавтаа со знаменца на двете земји.

Макрон рече дека тоа истовремено е и ветување дека нема да се заборави оти „дваесеттиот век ги споил двете земји во нераскинлив сојуз“.

„Имаме огромна одговорност историјата да не застане. Знам дека во овој европски регион најлошото сѐ уште може да се случи, бидејќи поединци се обидуваат да го разгорат национализмот… нашата должност е да го сакаме другиот како што се сакаме себеси и да пронајдеме компромис, така што ќе бидеме горди на татковината, така што ќе изградиме иднина“, порача Макрон.

Истакна дека Европа не може да биде целосна сѐ додека и Србија не е нејзин дел, сугерирајќи дека треба да најде решение со Приштина.

„И таа борба, којашто ќе ја водиме заедно, за компромис меѓу Србија и Косово, ќе биде тешка“, порача Макрон, оценувајќи дека Србија „има храбар претседател кој одлучил да ја води оваа борба“.

„Знаејќи дека историјата не смее да се повтори, ќе мора да бидете храбри, како што мора да бидат и граѓаните на Косово“, истакна Макрон, нагласувајќи дека заедно ќе мора „да се размислува на европски начин“.

„Мораме да ги одбиеме сите кои бараат војна. Мораме заедно да бараме решение, да изградиме мир“, истакна францускиот претседател.

Неговиот домаќин Вучиќ возврати дека Макрон со својот гововор „ги придоби срцата на граѓаните на Србија“.

„Кажавте и некои, не лесни, работи за нашата земја и народ, коишто ги разбрав. А овие луѓе ви го отворија срцето и рекоа дека големиот Макрон покажал почитување кон нив, кон Србија. Ви благодарам за тоа. Овие луѓе тоа нема да ви го заборават“, му се обрати Вучиќ на францускиот челник.

Потсетувајќи на оцената на Макрон дека на Европската унија ѝ е потребна „длабинска реформа“, како и дека со тоа престројување ќе биде условен и пристапниот процес на Србија во ЕУ, Вучиќ го замоли францускиот претседател: „Рековте дека Србија ви е во срцето – побрзајте со тие длабински реформи, како Господ ве молам, и овој народ ќе ви го памети тоа засекогаш“.

Двајцата претседатели потоа поздравени од мноштвото граѓани заминаа од Калемегдан, а првиот ден од државната посета беше продолжен со свечена вечера која за гостинот од Франција ја приреди српскиот претседател.

На првиот ден од посетата двете државни делегации потпишаа 22 договори, меѓу кои и за набавка на француските ракети „Мистрал“ за Војската на Србија, како и за партнерство во планирањето градење на подземната железница во Белград.

Имајќи предвид дека во придружба на претседателот на Франција во Србија пристигна и бројна делегација од француски деловни луѓе, оцените се дека потпишувањето на договорите „освен политичката, ќе ја продлабочат и економската соработка“ меѓу двете земји.

Српските медиуми, исто така, истакнуваат дека двајцата претседатели попладнето разговареле значително подолго, отколку што било предвидено со протоколот. Вучиќ на новинарите им изјавил дека ретко кога и со кого „имал толку долг, отворен и искрен разговор во четири очи“, а на претседателот Макрон му се заблагодарил за тоа што „ја вратил Франција во регионот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.