Изгубиле старателството затоа што бебето го хранеле вегански

Италијанска двојка го изгуби старателството над 14-месечниот син кое е хоспитализирано поради сериозна неухранетост.

Двојката од Италија го изгубила старателството, откако загрижените баба и дедо го одвеле бебето,кое имало само пет килограми, во болница во која е утврдено дека страда од неухранетост.

Бебето имало тежина на просечно тримесечно бебе, пренесува италијанскиот весник „Кориера деласера“. Лекарите во болницата „Фатебенфратели“ во Милано соопштиле дека нивоата на калциум на бебето биле „минимални за преживување“. Детето, исто така, има и вродена срцева мана која е дополнително влошена со ниските нивоа на калциум па е извршена итна операција.

Работниците во болницата ја информирале социјалната служба откако родителите одбиле да ја адаптираат веганската исхрана на детето на барање на лекарите. Детето сега е под заштитен надзор додека властите не одлучат дали да го предадат на бабата и дедото или во хранителски дом.

Студијата на „Еуриспес“ од 2011 година покажала дека вегетаријанците сочинуваат 12 отсто популација, додека 600.000 луѓе ја следат веганската исхрана. Но, неколку случаи во Италија во последно време го свртија погледот на јавноста на проблемот на хранење на децата со веганска исхрана.

Во Џенова двегодишно девојче било хоспитализирано поради недостаток на витамини што ја предизвикало веганската исхрана која ја застапувале нејзините родители, но сепак, останало под нивно старателство. Во Бергамо брачна двојка заврши на суд откако маж ја обвини сопругата затоа што на нивниот син му наметнала макробиотска исхрана. Судот барал мајката барем еднашнеделно за оброци да му подготвува месо, а на таткото му било наложено во текот на викендите да не подготвува месо повеќе од два пати.

– Можно е детето да следи веганска исхрана, но потребно е внимателно да се испланира за да добие детето доволно неопходни хранливи состојки. Ризиците од недостатокот на хранливи материи се многу повисоки при веганска исхрана – советува д-р Луси Чејмберс, нутриционист во Британската нутрионистичка фондација.