45 милиони долари за обука на компании од Балканот за влез во меѓународниот синџир за набавки

Дирекцијата на ТИРЗ и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) работат на практични механизми со кои на компаниите ќе помогнат да го подигнат нивото на технолошка подготвеност, да имаат зголемена продуктивност и да добијат меѓународно признаени сертификати со што ќе влезат во синџирите за набавка, особено кај компаниите во зоните.

Ова  се предвидува со договорот за соработка што денеска го потпишаат директорот на Дирекцијата за ТИРЗ  Јован Деспотовски  и Ари Нам, регионален менаџер на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа.

Деспотовски рече цел на Дирекцијата е на домашните компании да им се овозможи да земат поголем дел од колачот во зоните каде годишно се создава извоз близу 4 милијарди евра, или 50% од вкупниот извоз во земјава.

–  Ова значи долгорочно и стратешко вложување во повисоки плати за сите наши сограѓани, нови вработувања и дејности, како и засилен рамномерен економски развој – рече Деспотовски.

Тој најави дека во рамки на овој договор ќе развива мерка со која покрај советодавна, домашните компании ќе добијат и финансиска поддршка за технолошки напредок.

– Заедно со реномираниот меѓународен партнер, ИФЦ креираме програма со која домашните компании ќе станат конкурентни и на глобално ниво. Овој модел потоа би го пресликале и на регионално ниво, бидејќи верувам дека компаниите од земјите во регионот се соочуваат со слични предизвици како нашите кога им пристапуваат на странските инвеститори за соработка – рече Деспотовски.

Ари Нам, регионален менаџер на ИФЦ за Централна и Југоисточна Европа рече дека ИФЦ има за цел да ѝ помогне на Северна Македонија да привлече нови приватни инвестиции кои ќе придонесат кон опоравување од кризата предизвикана од ковид-19.

Преку овој нов модел на соработка, ТИРЗ се вклучува во советодавната програма на ИФЦ преку која во Северна Македонија, Србија и Косово треба да се овозможи финансирање од 45 милиони американски долари за производствените фирми.

Во рамките на овој проект ИФЦ креираше и дигитална платформа која од јуни ја започна пилот фазата со 100 компании од регионот. Целта е да се зголеми поврзаноста помеѓу фирмите од Западниот Балкан и регионалните и глобалните синџири на вредност како и да се подобрат производствените капацитети на компаниите што ќе придонесе економското закрепнување на регионот од пандемијата ковид-19.

Проектот во чии рамки се остварува соработката на Дирекцијата за ТИРЗ со ИФЦ е финансиски поддржан со билатерални фондови од Владата на Швајцарија и е предвидено да трае до 2025 година.