Еден мртов и двајца повредени во Грција во тепачка во бегалски кам

Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (UNHCR) ги повика во неделата грчките власти итно младите имигранти да ги преселат на безбедно место откако петнесетгодишен Авганистанец смртно со нож избоде свој сонародник и рани уште две лица во логорот Морија на островот Лезбос.

„Грчката влада мора да преземе итни мерки за овие деца да бидат преселени на сигурно место“, се истакнува во соопштението на претставникот на UNHCR, Филип Леклер.

Грчката државна новинска агенција ANA извести дека инцидентот се случил во саботата ноќта во делот од логорот наменет за малолетници без родителска придружба, каде што момче со нож нападнало група авганистански тинејџери. Мотивот за кавгата со смртни последици засега не е познат.

Двајца повредени со примени во болница, каде еден од нив, кој бил во критична состојба, е опериран. Четвртото момче, исто така, од Авганистан, го уапсила полицијата во рамките на истрагата за случајот.

Во бегалскиот камп кој може да прими најмногу 160 лица, сместени се 600 малолетници, се додава во извештајот на АNA.

„Морија не е место за деца кои се сами и силно се трауматизирани од настаните во нивните земји и тешките услови при бегството. Потребна им е посебна нега во засолништа наменети само за нив“, оценува Леклер.

Илјадници мигранти во моментов со месеци се во Морија и во другите пренатрупани логори на островот, додека грчките власти ги обработуваат нивните барања за азил. Новата конзервативна влада во Атина најави забрзување на постапките за решавање на барањата за азил, со план на оние на кои ќе им биде одбиено барањето да бидат вратени во Турција