Заев: Легитимно е да се бараат избори, но сега има поважни работи

Премиерот Зоран Заев очекува на најавената вечерашна ткн лидерска средба со претседателот на опоициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да биде покажана одговорност и да се направи обид за решавање на прашањето со Законот за јавното обвинителство, а за инсистирањето на опозицијата да се разговара и за предвремени избори вели дека тоа е легитмно барање, но оти ова е неповторив период кога фокусот треба да се стави на полноправното членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Очекувам, пред сѐ, одговорност. На крајот и граѓаните го очекуваат тоа од нас, а богами и ЕУ преку земјите членки на Европскиот совет чекаат секогаш да направиме некој чекор повеќе. Иако законот за јавното обвинителство не е дел од европскиот извештај по којшто се одлучува формално на Европскиот совет во средината на октомври, но треба да го отстраниме тоа прашање за случајно некому да не му биде, а на крајот на денот уште поважно заради граѓаните дома, очекувам одговорност. Не се нерешливи прашањава, само треба да бидеме одговорни пред системот, пред државата и секако пред граѓаните, изјави Заев

За барањето за предвремени избори кажа дека е легитимно опозицијата секогаш да бара нешто. Повтори дека прифатлив период за тоа би бил октомври 2020 година.

Јас немам дилеми за секое прашање да разговараме. Нормално нашите ставови се се што е интерес на државата. Мислиме дека е ова навистина неповторливо позитивно време за нашата земја во кое  очекуваме датум за почеток на преговорите, полноправно членство во НАТО, треба да дадеме шанса и на правната држава и на економијата пред се и над се и затоа реков дека треба да тераме до крај на мандатот. Тие побараа предвремени избори, мојот коментар беше ‘Ок“’нека бидат крајот на октомври 2020 година, оти реално декември е навистина зима или слично, и стоиме на тие ставови. Ќе разговараме, не ги знам јас кои се аргументите за барање на предвремени избори, но ние се водиме од тоа што е навистина најдобро на државата, рече Заев.

 Додаде дека во моментов не ги знае аргументите за барањето за распишување предвремени парламентарни избори, но дека власта се водела од тоа „што е навистина најдобро на државата“.