Вотфорд на ‘стрелиштето’ на Сити прими осум ‘парчиња’

Актуелниот англиски фудбалски шампион Манчестер Сити на импресивен начин го отвори шестото коло во Премиер лигата совладувајќи го гостинскиот Вотфорд дури со 8:0, од кои пет погодоци беа постигнати во првите дваесетина минути од мечот.

„Граѓаните“ веќе во првите 18 минути постигнаа пет голови, што претставува рекорд во Премиер лигата. Во продолжението Сити постигна уште три погодока, победата можеше да биде уште поубедлива и рекордна, бидејќи неговите играчи уште трипати биеја во стативите. Имено, рекордната победа во најелитното англиско натпреварување го држи градскиот ривал Манчестер Јунајтед кој во 1995 година го победи Ипсвич Таун со 9:0. Интересно е и што Вотфорд и во последниот меѓусебен дуел со Сити беше тешко поразен, со 0:6.

Манчестер Сити поведе по 52 секунди, а стрелц беше Давид Силва. Серхио Агуеро во 7 минута реализираше пенал за 2:0 постигнувајќи го својот стоти погодок во Премиер лигата на стадионот „Етихад“. Досега само два играчи во историјата на англиското првенство постигначе повеќе голови на еден стадион, Вејн Руни во дресот на Манечстер Јунајтед на „Олд Трафорд“ постигна 101 погодок, а Тиери Анри за Арсенал на „Хајбери“ постигна 114 голови.

Мачилиштето за Вотфорд продолжи во 12 минтуа кога Ријад Марез од слободен удар зголеми на 3:0, а две минути стрелец беше Бернардо Силва, а во 18 минута за 5:0 погоди Николас Отаменди. До крајот на полувремето мрежите мируваа, а Сити се разбуди на отворањето на вториот дел. Бернардо Силва во 48 минута зголеми на 6:0, а во 60 минута го постигна и својот трет гол на мечот. Кевин Де Брујне во 80 минута ги постигна конечните 8:0, но Сити до последниот свиреж на судијата можеше да постигне уште некој погодок.

Манчестер Сити моментално е втор на табелата со 13 бодови, два помалку од Ливерпул, кој во недела го игра дербито на колото на гости кај Челзи. Вотфорд е последен 20-ти со само два бода.

Во претходно одиграниот меч Лестер Сити го победи Тотенхем со 2:1, иако гостите од Лондон имаа водство по првото полувреме. Ова беше меч кој го одбележа ВАР-от, имено два погодока, по еден на секоја страна, беа поништени откако судијата Пол Тиерни бараше помош од видео-анализата.

Но сѐ беше чисто во 29 минута кога гостите поведоа со одличниот погодок на Хари Кејн. Ова е негов 13-ти гол во 12 мечеви во сите натпреварувања против Лестер, а дури девети кој му го дава на Каспер Шмајкл во првенството. Сепак, домашните направија пресврт во вториот дел со головите на Рикардо Пареира во 69 и Џејсм Медисон во 85 минута.

Лестер Сити е трет на табелата со 10 бодови, а Тотенхем моментално е петти во групата екипи со по 8 бодови која се симнува до 11-от Вест Хем Јунајтед, а повеќето имаат меч помалку.

Барнли со головите на Крис Вуд во 10 и 14 минута дома го победи Норич Сити. Барнли сега е 7-ми на табелата со 8 бодови, а Норич кој сезонава по подолг период се врати во Премиер има 6 бодови и е на 16-то место.

Евертон на својот терен доживеа непријатен пораз од Шефилд Јунајтед со 0:2. Гостите поведоа со автоголот на Јери Мина во 40 минута, а победата ја потврдија во 79 минута преку Лис Мусет. Евертон остана на 7 бодови и е моментално 14-ти, а Шефилд е 8-ми со исто толку бодови.

Домашен пораз претрпе во петокот и Саутемптон од Борнмут. Гостите поведоа во 10 минута со голот на Нејтан Аке, а водството го зголемија преку Хари Вилсон во 35 минута, а победата ја потврди Калам Вилсон во петтата минута од судиското продолжение. Саутемптон е 12-ти со 7 бодови, а Борнмут неочекувано веќе собра 10 бодови со кои е на четвртото место.

Во последниот натпревар од саботата програма Њукасл и Брајтон одиграа без голови во натрпевар го кој немаше изразени фаворит и кој брзо ќе се заборави. Њукасл моментално е место над опасната зона 17-ти со 5 бодови, додека Брајтон сега има 6 бодови и моментално е 15-ти.

Во недела се играат дуелите Кристал Палас – Вулверхмептон, Вест Хем – Манчестер Јунајтед, Арсенал – Астон Вила и Челзи – Ливепрул.