Ако Реџепи за 72 часа не се повлече од функцијата, Бузаку ќе објави „бомби“

Сулејман Реџепи има рок од 72 часа да се повлече од функцијата и да го напушти узурпираниот имот на Исламската верска заедница, инаку во спротивно преку медиумите ќе бидат објавени материјали и страшни докази за неговите криминали.

Овој часовник ги одбројува преостанатите часови…

Ова е ултиматумот кој претендентот за поглавар на ИВЗ Скендер Бузаку му го упати на Реџепи. Тој ги повика сите оџи кои заминале од ИВЗ да ѝ се приклучат на иницијативата за реформи, додавајќи дека сите вработени во ИВЗ кои не се вмешани во криминалните настани, ќе бидат унапредени. Бузаку меѓу другото вели дека досега молчеле поради процесите низ кои минува земјата.

Реагираат од ИВЗ. Бузаку го споредија со Боки 13, додавајќи дека се претворил во синоним за јавен рекет кон ИВЗ, како човек заштитен од актуелната власт.

-Денеска, Скендер Бузаку требаше да биде приведен, а не да му се дозволи да настапи јавно и да му се закани на еден верски лидер. Денеска, сите муфтии на Исламската Верска Заедница на Република Северна Македонија ги депонираа своите изјави пред Јавниот Обвинител во врска со обманата и фалсификувањето на документацијата со која што Скендер Бузаку ја излажа јавноста и сите муслимани во земјата. Неприведувањето на тој човек говори јасно дека државата е опфатена од криминал и од криминалци од типот Бузаку-Боки 13 и др., додека пак единствената валута за реализирање на нивните цели е рекетот на сите тие што размислуваат на друг начин-соопштија од ИВЗ.

Од ИВЗ потсетуваат дека за време на пучот во 2015 година, Скендер Бузаку имал условна судска пресуда за насилство и дека го повторил делото. Од Јавното обвинителство не добивме одговор на нашите прашања – дали Бузаку до нив доставил некаков материјал и дали имамите на ИВЗ веќе дале исказ.