Тимот на Мицкоски vs тимот на Заев

Цветанка Ласкова наспроти Игор Дурловски, Љубе Бошковски како економски советник наспроти професорот Владимир Дуковски – кој од партиските лидери, Христијан Мицкоски или Зоран Заев се опкружи со луѓе способни да понудат квалитетни и одржливи решенија за проблемите во земјава.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера престави тим од стратешки советници кои треба да му помогнат да изготви решенија за проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани.

Во тимот што го избра лидерот на ВМРО ДПМНЕ се етаблирани имиња на професори, менаџери, луѓе со завидни професионални биографии и успеси зад своите имиња. Професорката и кандидат за претседател на последните избори, Гордана Сиљановска, оперскиот пејач Игор Дурловски, кардиохирург Сашко Кедев, ракометниот репрезентативец Борко Ристовски се само дел од 16-члениот тим којшто ќе го засилат ВМРО ДПМНЕ.

И додека одлуката на Мицкоски да се опркужи со соработници и советници кои се докажани во своите професионални дејности наиде на низа позитивни реакции во јавност, па и меѓу жестоките критичари на ВМРО ДПМНЕ, владејачката СДСМ оцени дека опозциската партија се уште е заглавена во матрицата на деструкција и одбраната на криминалот.

„ Дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ планира да изврши обнова или разградување на земјата преку Гордана Сиљановска која јавно кажа дека се залага за откажување од Договорот од Преспа и соработката со Албанците во државата?… Појавувањето на Игор Дурловски во листата која наводно треба да ја обновува државата значи најава на соништата од минатото за погазување на парламентарната демократија во земјата“, изјави денеска пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири.

Како одговор на изјавата на Зекири од ВМРО ДПМНЕ направија споредба на советниците на Мицкоски со тимот луѓе кои го советуваат премиерот Зоран Заев.

„Од една страна ја имаме Цветанка Ласкова а од друга Игор Дурловски. Заев се гордее и добива економски совети од осудуваниот Љубе Бошковски, а Претседателот Мицкоски ќе биде советуван од Владимир Дуковски, долгогодишен професор. Странски советник на Зоран Заев е Александар Обрадовиќ, кој е познат естраден мешетар, за кого медиумите пишуваа дека бил приведуван во САД за време на кражба во шопинг центар, а од друга страна е професорот Хозе Караско. Од една страна Заев си ги има Сокол и Силвио, за кои постои сомнежи дека и двајцата имаат досие во полицијата, еден за насилство, а Силвио за пукање на припадник на специјалните единици, додека пак во тимот на Мицкоски е Гордана Силјановска, Александар Климовски и Лазар Јовевски“, одговорија од ВМРО ДПМНЕ.

Изборот што го направи Мицкоски наиде на позитивни критики во јавноста и социјалните мрежи.

Професорката Мирјана Најческа, кој често со критики говори за ВМРО ДПМНЕ, по прес конференцијата на Мицкоски на својот Фејсбук профил даде позитивна оценка за советничкиот тим.

„Па, можам да кажам дека тимот воопшто не е лош. За многу голем број работи не се согласувам со дел од спомнатите експерти, дел од нив имаат навистина тежок и нечист багаж, и мислам дека имаат една заедничка мана, жолтата точка на национализмот и етноцентризмот, меѓутоа, ова е тим кој не очекував дека може да го состави лик како Мицкоски.  Ако уште и научил да го слуша она што му го зборуваат, а не да ги користи само како параван за сопствените смешни идеи … тогаш во себе има многу поголем потенцијал отколку што мислев. Едно променето ВМРО може да биде интересен предизвик на идните избори“, смета Најческа.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов очекува со активно учество на советничкиот тим во градењето на политиките на ВМРО ДПМНЕ да дадат сериозно подобрување на состојбите во Македонија.

„Засилувањето на своите редови со родољуби и патриоти од рангот на Игор Дурловски, Борко Ристовски, Александар Климовски и останатите е одлична вест за ВМРО и опозицијата. Тие се докажани борци кои на повеќе пати во минатото биле на првата борбена линија во одбрана на Македонија и Македонштината👌🏻. Сигурен сум дека со нивно активно учество ќе бидат од огромна помош на Мицкоски и ВМРО, но и на Македонија, до конечно соборување на заевава рекетарска хунта!“, смета Пандов.

Инаку, според Мицкоски тимот од стратешки советници треба да  биде јадрото и новиот квалитет кој ќе биде гаранција дека партијата ќе  зафати со најтешката работа решавање на проблемите на граѓаните.

Според најавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, овој тим ќе се проширува и ќе се дообликува во периодот кој што ќе следи.