Државен фонд на Саудиска Арабија вложи 400 милиони долари во стартап на основачот на „Убер“

Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија инвестира 400 милиони долари во „КлаудКитченс“, новиот стартап на основачот и поранешен директор на „Убер“, Травис Калиник, дознава „Волстрит журнал“.

Фондот е еден од првите финансиери на „Убер“.

Со постигнатиот договор вредноста на компанијата би достигнала пет милијарди долари, сметаат набљудувачите. „КлаудКитченс“ откупува ефтини објекти и ги обновува во локации за готвење кои потоа ги издава на ресторани што приготвуваат храна за порачка. Компанијата веќе поседува неколку ресторани кои работат на тој начин.

Зделката со Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија се разгледуваше уште од лани пролетта и беше склучена во јануари, но точната сума на инвестиции се чуваше во тајност. Ова е прва инвестиција на фондот во Силиконската долина по убиството на саудискиот новинар Џемал Кашоги, кое беше примено со згрозеност насекаде и стана причина за отказ на неколку потенцијални инвестиции.

Според извори на весникот, за сумата на зделката знаеле само неколкумина раководители на компанијата „КлаудКитченс“. Извршниот директор на фондот, Јасир ал-Румајан е член на бордот на директори на компанијата.

Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија во 2016 година во „Убер“ инвестираше 3,5 милијарди долари. Основниот стартап на Каланик е компанија што плаќа милиони обични сопственици на возила за такси превоз на патници и која активно работи во многу земји.

Фондот веќе има поддржано иницијатива за отворање на кујни за приготвување храна само за доставка. Тоа е компанијата „Риф Технолоџи“ која доби една милијарда долари од фонодт и која храната за доставка ја приготвува најмногу во кујни изградени на локации за паркирање, за дополнителен приход на сопствениците на паркинзите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.