Груевски: Интересот во Грција за оставките на СДСМ покажува кому тоа му одговара

Интересот на грчките медиуми за оставките на пратениците на СДСМ покажува на кого тоа му одговара, смета премиерот Никола Груевски.

„Да, точно е дека грчките медиуми континуирано и многу опсежно пишуваат за оставките на пратениците на СДСМ и мислам дека самиот тој интерес покажува на кого му одговара она што го прави СДСМ“, рече Груевски, по промоцијата на новата поставка во Музејот на македонската борба, oдговорајќи на новинарско прашање за зголемениот интерес на медиумите во Грција за состојбите со опозициската партија.

Во врска со апанажите кои ќе ги земаат пратениците на СДСМ, Груевски вели дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев ниту една не споменал дека пратениците ќе се откажат од нив и дека во тој случај граѓаните ќе ги плаќаат да седат дома.

„Во ниту еден момент тие не кажаа дека нема да ги земаат апанажите. Во тој правец може да си го проверат Законот за пратеници и да проверат дека таму одредбите се такви, ако влезе во Парламентот, односно го верификува мандатот барем и еден ден, има право на апанажа. Граѓаните не ги плаќаат и не сакаат да ги плаќаат за тоа. Мислам дека граѓаните не ги бираа да седат дома или да работат друга работа, а да земаат апанажа една година“, рече Груевски.
Груевски истакан дека ќе продолжи со напорите и се’ што е во негова надлежност за враќање на СДСМ во институциите.

Прашан дали навистина поднел тужба за клевета против лидерот на СДСМ Зоран Заев за изнесените наводи во врска со случајот „Македонска банка“, Груевски ја потврди информацијата.

„Да, тоа е точно. Ако Заев верува во тоа што го изнесе, нема потреба да се плаши, но мислам дека нема да излезе така затоа што неговите наводи не се точни“, рече премиерот Никола Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.