Џонсон доби „моќен мандат“ за спроведување на брегзитот

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во петокот дека убедливата победа на парламентарните избори му дава „моќен мандат“ за излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.

Премиерот Борис Џонсон кампањата ја фокусираше само на едно прашање: завршување на процесот на брегзитот на 31-ви јануари. Неговиот главен ривал, лабуристичкиот челник Џереми Корбин, на гласачите им нудеше нов референдум за брегзитот доколку победи.

Конзервативците освоија 363, лабуристите 203, Шкотската национална партија (SNP) 48, либералните демократи 11 мандати, откако се објавени конечните резултати за 648 од 650-те изборни единици. За мнозинство во парламентот се потребини 326 мандати.

Оваа влада доби „моќен мандат да го спроведе брегзитот“, изјави Џонсон откако повторно победи во својата изборна единица во западен Лондон. „Исторските“ избори ќе ѝ овозможат на владата да ја „почитува демократската волја на народот“, додаде лидерот на конзервативците.

Конзервативната партија ќе го има најголемото мнозинство во Долниот дом од британскиот парламент од изборната победа на „челичната леди“ Маргатер Тачер на изборите во 1987 година. За Лабуристичката партија, пак, ова е најлошиот резултат според бројот на мандатите од изборите во 1935 година.

„Ова е очигледно многу разочарувачка ноќ за Лабуристичката партија“, изјави шефот на лабуристите Џереми Корбин пред своите приврзаници во својата изборна единции на северот од Лондон, каде што победи.

Корбин за неуспехот на лабуристите го најде виновникот во брегзитот кој „многу ја поларизираше расправата и надвладеа добар дел од нормалната политичка дебата“. Лидерот на лабуристите рече дека не планира да ги предводи лабуристите на новите избори, но вети дека ќе го следи „процесот на рефлексијата“ во партијата.

 

Шкотските сепаратисти убедливо победија, првпат повеќе ирски националисти од унионисти

Шкотската национална партија (SNP), којашто се залага за независност на Шкотска а каде што на референдумот на 23-ти јуни 2016 година мнозинство граѓани се изјаснија против излегувањето од ЕУ, беше разорна во шкотските изборни единици, освојувајќи 48 од 59 изборни единици, 13 повеќе отколку на минатите избори. Лабуристите, кои со децении победуваа во Шкотска, освоија само еден мандат.

Претседателката на Либерално демократската партија, Џо Свинсон, загуби од SNP во својата изборна единица Источен Данбартонхир за само 149 гласови. По поразот поднесе оставка.

Челничката на шкотските националисти, Никола Старџен, по победата оцени дека „ова беше добра ноќ за SNP“. „Не сакаме да ја напуштиме ЕУ и сакаме шкотската иднина да биде во шкотски раце“, изјави Старџен за BBC, додавајќи дека поради резулатот од изборите SNP има право да бара нов референдум за независност на Шкотска.

Во Северна Ирска, каде што исто така на референдумот од 2016-та во мнозинство се гласаше против брегзитот, партиите кои се залагаат за обединување на Северна Ирска како покраина на Велика Британија и Ирска како членка на Европската унија, односно Шин Фејн и Социјалдемократската и лабуристичка партија, добија 9 од 18-те мандати, еден повеќе од ултраконзервативната пробританска Демократска унионистичка партија (DUP). Унионистите добија два мандата помалку во однос на изборите во 2017 година, а нивниот претседател Најџел Додс загуби во својата изборна единица од кандидатот на Шин Фејн.

Така, првпат во британскиот парламент се избрани повеќе ирски националисти отколку унионисти, иако републиканскиот Шин Фејн никогаш не ги презема мандатите во парламентот во Лондон, па нивните места ќе останат празни.