Лацио победи со два гола во судиското продолжение

EPA/FABIO MURRU

Во директниот судир за висока позиција на табелата во Серија А, во понеделникот во рамките на 16-то коло фудбалерите на Калјари потклекнаа пред Лацио 1:2 пред своите гледачи, испуштајќи ја шансата бодовно да се израмнат со Рома.

Домаќините поведоа уште во 8 минута со убавиот гол на Џовани Симеоне, на асистенција од Жоао Педро. Калјари, кој е едно од најпријатните изненадувања сезонава во првата италијанска лига, го имаше водството сѐ до судиското продолжение.

Израмни Луис Алберто во третата минута од продолжението, а победата на „небесно-сините“ им ја донесе Фелипе Каиседо во седмата минута од продолжението.

Лацио остана на третата позиција но сега со 36 бодови, три помалку од водечките Интер и Јувентус. Калјари, пак, остана на 29 бодови и на петтото место, три помалку од Рома која е на четврото место.