Еспер и Мили со поединости за иранскиот напад

Американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, и командантот на Здружената команда на началниците на американските војски, Марк Мили, во средата изнесоа ограничени поединости за обемот и целта на иранскиот ракетен напад врз американските бази во Ирак.

Челникот на Пентагон, Марк Еспер, посочи дека Иран лансирал 16 балистички ракети врз воените бази во Ирак од најмалку три позици, од кои 12 ја погодиле целта, пренесува Reuters.

Според агенцијата, Еспер рекол дека 11 ракети ја погодиле воздухопловната база Аин ал-Асад, во западната ирачка покраина Анбар, а уште една базта во Ербил, во покраината Ирачки Курдистан. Министерот додал дека во нападот нанесени се штети на еден хеликоптер, шатори и простор за паркирање.

Еспер притоа порачал дека американските трупи во Ирак и во регионот остануваат во состојба на полна боева готовност.

За разлика од медиумските написи од средата во кои експерти наведуваа дека Иран намерно гаѓал надвор од зоните во кои можеле да настрадаат американски војници, генералот Мили изјави дека иранското ракетирање на базите било со намера да се убие жива сила.

„Врз основа на она што го видов и го имам како сознание, сметам дека тие имаа намера да предизвикаат оштетувања на инфраструктурата, да уништат возила, вооружување и авиони, да убијат војници“, изјави Мили за новинарите, пренесува телевизиската мрежа Fox News.

На убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во Багдад на 3-ти јануари, Техеран ноќта кон средата одговори со ракетен напад врз ирачките бази во кои се распоредени американски војници, но притоа пријавени се незначителни штети, без никакви човечки жртви. Поради тоа, повеќе западни медиуми и налаитичари претпоставија дека одмазничкиот напад на Иран бил само демонстрација на решителност и оти немало намера да се предизвикаат жртви меѓу американските сили за да дојде до ескалација и директна воена конфронтација со САД.

Американската телевизија CNN пренесе претходно во средата, повикувајќи се на безбедносни извори, дека официјален Багдад го предупредил Вашингтон дека Иран ќе ги нападне воените бази, откако за тоа добил известување од Техеран.

Ирачкиот премиер на заминување, Адил Абдул Махди, потврди дека Иран го известил Багдад дека наскоро ќе биде започнат напад. Махди рече дека потоа ги предупредил ирачките воени челници да „преземат неопходни мерки за претпазливост“.