Страшевски: Судските одлуки мора да се донесуваат на основа на фактите, а не на нечии нарачки

Во вечерашното гостување во емисијата “Што не е јасно”, адвокатот Јован Страшевски посочи дека во однос на случајот “ТНТ” има нови двајца поротници и 21.000 страна од приложени докази, искази и се што е поврзано со случајот.

Тој вели дека во врска со овој случај не треба да се брза, бидејќи случајот не е ниту малку за занемарување и истиот треба да се приведе кон крај кој ќе докаже кој и за што е виновен. Страшевски кој е адвокат на екс градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, вели дека овој случај не треба да се форсира да се реши брзо по секоја цена, бидејќи секому е во прилог пресуда која што ќе докаже нечија вина или невиност.

Адвокатот додаде дека случајот нема да застари и тоа дозволува доволно време да се спроведе постапка и истата да биде процесуирана до крајот онака како што еден сериозен предмет треба да се реши. “Поротниците не може преку ноќ да превземат ваков врел костен во рацете. Јас како адвокат сеуште не сум стигнал да видам што има на 21.000 страна и што точно треба да се прави во иднина. Тоа покажува дека поротниците кои треба да се вклучат во случајот, ќе треба да верува на судиските рекла казала констатации според кои ќе треба да донесуваат одлуки и да решаваат за нечии судбини”, додаде Страшевски.

Во однос на процесот за случајот “ТНТ” адвокатот Страшевски вели дека намерата не е да се успори процесот или да се ескивира, туку детално да се разгледаат сите факти кои ќе помогнат при донесување на одлука, која ниту малку не е едноставна. Во Република Македонија мора да завладее правото и правниот систем и да се знае кои се прописите при донесување на одлука, односно процедура за судска одлука, заврши Страшевски.