500.000 евра за реконструкција на главната улица во Пробиштип

Во Пробиштип денеска почнаа активности за реконструкција на главната улица „Јаким Стојковски“. Инвестицијата  изнесува околу 500.000 евра, што Општина Пробиштип ги обезбеди преку заем од Светска банка.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на почетокот на градежните активности истакна дека продолжуваат проектите за подобрување на инфраструктурата во земјава.

„Задоволство ми е што можам да кажам дека согласно проекцијата од предвидениот рок за реализација на активностите започнува реконструкцијата  на оваа улица и на тој начин ќе се исполни уште едно ветување на локалната и централната власт кон граѓаните на општина Пробиштип. Крупен инфраструктурен проект со кој што 16.000 жители на Пробиштип ќе добијат добра и модерна улица и на тој начин ќе можат да ги извршуваат секојдневните активности во подобар амбиент“, рече Ставрески.

Тој истакна дека во Пробиштип во изминатиот период се реализираа многу значајни инфраструктурни проекти, меѓу кои, новиот Градски пазар, нови игралишта но и  изградба на современа Филтер станица, со што општината го реши проблемот со обезбедување квалитетна вода за пиење.

„Остануваме и понатаму посветени на подобрување на инфраструктурата во овој регион, пред се патот од Крупиште до Пробиштип, потоа од Пробиштип до Пониква и други проекти кои се предвидени во програмата, вклучувајќи ги и проектите на Министерството за култура за обезбедување кино проектор за да се подобри културниот живот во Пробиштип“, нагласи Ставрески.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски информира дека ќе се изврши реконструкција на улицата „Јаким Стојковски“ во должина од 1.200 метри.

„Ќе следи целосна реконструкција на тротоарите, ќе се постави нова патна сигнализација, како и енергетски ефикасни светилки, со што општината ќе заштеди електрична енергија“, наведе Тоневски.