Прв случај на коронавирус во Африка, потврди Египет

Египетското министерство за здравство објави во петокот дека е потврден првиот случај на зараза со новиот сој на коронаворусот на африканскиот континент.

Заразеното лице не е Египќанец, се наведува во писмената изјава на портпаролот на египетското министерство за здравство, Калеф Мегахед, но не ја прецизира националноста ниту полот на пациентот.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) е информирана за египетскиот случај, а пациентот кај кого нема никакви симптоми е префрлен во болнички карантин, додава министерството.

„Министерството за здравство презема превентивни мерки и будно го следи развојот на случајот“, наведува Мегахед.

Ова е првиот случај на инфекција со коронавирусот регистриран во некоја земја на африканскиот континент, кој им цврсти трговски врски со Кина.

Египет на почетокот од февруари до крајот на месецот ги запре летовите на националната воздухопловна компоанија кон Кина. Околу 300 Египќани во февруари се евакуирани од Вухан, жариштето на епидемијата и сместени со во 14-дневен карантин.

Бројот на починати од коронавирусот во петокот се приближи до 1.400 лица во Кина. Досега само Јапонија и Филипини имаа по еден смртен случај на своите територии.