Олимпијадата во Токио се одложува за 2021 или 2022 година?

??????????????????????????????????????????????????????????
Харуки Такахаши, еден од 25-те члена на организацискиот одбор на Летните Олимписки игри во Токио, кои се предвидени да се одржат кон крајот на јули и почетокот на август годинава, е првото официјално лице кое јавно призна дека е можно најголемиот спортски спектакл да се одложи и да не се одржи во оваа година. Такахаши за „Вол Стрит Журнал“ призна дека можно е одложување и дека многу сериозно се пристапува на темата поради коронавирусот и општата закана од епидемијата, иако досега сите официјални лице, како и челниците на Интернационалниот Олимписки Комитет (ИОК) цврсто и гласно објавуваа дека – Игри ќе има, па макар и без гледачи. „Не постои шанса ЛОИ во Токио да бидат откажани и да не се одржат, ама не е невозможно овие Игри да бидат одложени. За откажување на ЛОИ е проблематично, зашто веќе се продадени комерцијалните и ТВ-правата, ама одложувањето е можно и тоа за следната 2021 година или за две години отсега во 2022“, вели Такахаши. Игрите во Токио треба да започнат на 24 јули и да траат до 9 август, а Јапонија инвестираше 13 милијарди долари за организација на најголемиот спортски настан. Сепак, поради ширењето на Коронавирусот веќе се откажани сите проби поврзани со организацијата, па тоа уште повеќе најавува дека игрите може да се одложат. Веќе неколкупати се најавуваше дека сите се надеваат дека епидемијата ќе забави и ќе спласне, па игрите ќе може да се одржат во регуларен термин или во најмала рака да започнат со мало задоцнување, а имаше и опција да се одржат до крајот на зимата ако е неопходно такво пролонгирање. Но, за сите најави веднаш стигнуваа деманти од ИОК и од организацискиот одбор. Сега, првпат член на тој организациски одбор јавно открива дека сите опции се во игра.