Како Југославија се справи со големите сипаници

rbt

И додека балканските земји некако се справуваат со кризата предизвикана од новиот тип коронавирус, постарите генерации таа ги потсети на тоа дека веќе го искусиле карантинот и следењето на контактите, кога нивната поранешна заедничка држава Југославија пред 50 години ја совлада последната европска зараза со големите сипаници.

Тогашните југословенски здравствени власти во текот на само неколку седмици успеаја да вакцинираат 18 милиони луѓе од 22- милионската популација и бројот на починате да го задржат под 40, потсетува во својата репортажа агенцијата AFP.

Кај некои ваквата ефикасност поттикна носталгија по социјалистичките времиња, особено бидејќи времето на коронавирусот се совпадна со 40-годишнината од смртта на Јосип Броз Тито.

Мнгоумина се сеќаваат на добро организираниот и бесплатниот здравствен систем, којшто по многу нешта го надминува денешниот, кој годините на развојот ги загуби во војните на овие простори во 1990-те години. Денеска болниците во регионот имаат големи проблеми да ги задржат квалитетните лекари и медицински сестри, коишто подобрите плати и порфесионалните услови ги мамат да заминат во странство.

„Некои го сакаа социјализмот, некои не, но сите веруваа во здравствениот систем. Никој не ги доведуваше во прашање одлуките на лекарите и сите сакаа да се вакцинираат“, вели за AFP српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ, кој во 1972 година работел на сузбивањето на заразата на смртоносните големи сипаници.

Денеска довербата во медицината ја поткопува сѐ пораширеното во регионот „антиваксерско“ движење, кое во целиот регион доби поттик со изјавата на српската тениска суперѕвезда Новак Ѓоковиќ. Тој неодамна дојде на насловните страница поради забелешката дека се противи на вакцинирањето против коронавирусот како услов за учество на тениските турнири, а шокираните епидемиолози брзо се обидуваа да ја поправат „штетата“.

Меѓутоа, во споменатата репортажа и пропуштен и еден факт, за која во тогашната комунистичка држава не смееше да се зборува и пишува, туку остана само на статусот „јавна тајна“, а поврзан со вакцинацијата. Во условите на епидемијата на вариола вера многу политичари и лекари користејќи ги позициите ургираа за приоритет за нивните дотогаш воопшто невакцинирани деца.

 

Вакцинација со грамофонски игли

„Не“ за вакцината не беше опција во времето на Тито. Тој беше на чело на Југославија кога косовски Албанец се зарази на патување во Ирак и големите сипаници ги внесе во земјата.

Всушност како нулта пациент тогаш е идентификуван Ибрахим Хоти, по враќање на Косово од аџилак, во март 1972 година, носи со себе локален кавал за спомен, купен на пазар во Саудиска Арабија, а додека престојувал таму се заразил се со „Variola Vera“, вирусот на големите сипаници.

Бидејќи овој вирус не бил виден од 1930-те години, локалните лекари веднаш не ги поврзале симптомите: треска, главоболка, замор, осип и пликови – со големите сипаници. Кога беше сфатено за што станува збор, машинеријата на Титовата комунистичка држава тргна во акција. Властите воспоставија карантини во хотелите и камповите, и наредија масовно вакцинирање на популацијата.

„Војската, полицијата и сите лекари беа вклучени“ во потрага по заразените и во вакцинирањето, се присетува во репортажата вирологот Ана Глигиќ.

Некои лекари кои останале без инјекции, се снаоаѓле така што пациентите ги вакцинирале со грамофонски игли натопени во вакцината.

Гордана Вукмировиќ, 75-годишна пензионирана економистка, се присетува како медицинскиот тим од локалната болница дошол во нејзината канцеларија за да ги вакцинира сите вработени.

„И покрај тоа, животот се одвиваше нормално, одевме на работа, градскиот јавен транспорт функционираше, дуќаните работеа“, додава.

Следењето на контактите, исто така, било обемно. Само во Белград биле интервјуирани повеќе од три илјади лица, според податоците од Светската здравствена организација (СЗО – WHO).

 

Титовото одобрување

По три месеца битката со вирусот беше добиена. Вкупно имаше 175 заразени и 35 починати. Зразата не ги мина тогашните југословенски граници. Според официјалните бројки на СЗО, пак, тогашната здравствена криза резултирала со 184 заразен и 40 починати, а првозаразениот преживеал. Во економска смисла, штетите на тогашната држава се пресметуваат во неколку милијарди американски долари.

Изолирани во своите домови, многумина од подрачјето на поранешна Југославија деновиве повторно го погледаа филмот „Вариола вера“ на режисерот Горан Марковиќ со Раде Шербеџија во главната улога, кој говори токму за овие настани.

Гледајќи наназад, лекарите го пофалија Тито што не се појавуваше многу во јавноста во текот на кризата. Меѓутоа, како и за другите работи, тој ги носеше одлуките.

„Тито беше тој којшто требаше да одобри јавно да прогласиме епидемија и му беа потребни три дена тоа да го стори. Ние во меѓувреме луѓето ги стававме во карантин, но не смеевме да им кажеме зошто“, вели Радовановиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.