Експертите наспроти УЈП: Државните субвенции ниту се, ниту можат да бидат даночна тајна

Даночните експерти не се согласуваат со Управата за јавни приходи дека идентитетот на компаниите кои добиваат државна парична помош треба да биде даночна тајна. Напротив, нивните имиња треба да и станат познати на домашната јавност, пишува специјализираниот веб-сајт Фактор.мк.

Фактор минатата недела побара од даночните власти да ни го дстават списокот со компании кои добиле пари врз основа на владината мерка со која држвата покрива 50 отсто субвенции од социјалните придонеси за исплата на платите на нивните работници. Од УЈП ни одговорија дека идентитетот на овие компани не може да се обелодени, бидејќи станувало збор за даночна тајна.

Но, после нашиот текст, со реакција се јавија дел од даночните експерти, кои објаснија зошто не треба да бидат даночна тајна компаниите што добиваат државни субвенции.

Славко Лазовски, експерт за даночни прашања, вели дека во овој селучај не се работи за даночна тајна, туку за државна помош.

„Прво, и од самата Уредба е јасно дека се работи за субцвенционирана исплата, а тоа го потврдува и УЈП во своето образложение за недавање на податоците. Во членот 5, став (2), прва алинеја од Законот за контрола на државната помош, стои дека субвенциите се облик на државна помош“, објаснува Лазовски.

Овој експерт укажува како законски е дефинирана даночната тајна.

„Членот 9 од Законот за даночната постапка вака ја дефинира даночна тајна: ‚документи, информации, податоци или други факти до кои е дојдено во даночната постапка’“.

Но, даночната постапка, вели Лазовски, е дефинирана како постапка во која се утврдуваат и наплатуваат даноци. Во случајот со субвенционирањето на придонесите ниту се утврдуваат, ниту се враќаат даноци.

„Во конкретниот случај, ниту се наплатуваат, ниту се утврдуваат, ниту пак се враќаат даноци. Поединечните субвенционирани износи не стануваат јавна давачка со самиот чин на пресметување според големината на одредена јавна давачка, тие и понатаму се облик на државна помош. Парите за субвенционираните исплати доаѓаат од буџетот, тие се јавни добра и ако се од даноци (и идни даноци, односно задолжувањата) за нив нема даночна тајна“, дециден е Лазовски во својата реакција.

Целиот текст може да го погледнете на овој ЛИНК.

Фото: Фактор.мк