Николовска: Заев ја користи власта за да си ги помага своите бизниси

Зоран Заев кажа дека секоја криза е нова можност, а сега гледаме за каква можност мислел, неговата власт да додели финансиска помош на фирми од неговото семејство. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај во време на економска криза од епидемијата со коронавирусот, милионските бизниси на Заеви се поддржуваат со народни пари, истакна на денешната прес-конференција Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Ви го пренесуваме интегралниот текст од прес-конференцијата на Николовска:

„Додека дваесетина илјади граѓани на Македонија ја немаат земено априлската плата, од буџетот се испаѓаат милионски суми на Заеви за нивниот клан да не почувствува економско заслабнување. Тоа е крајно бесрамно и алчно.

Токму фирмата Еленица е матицата околу која се врзуваше и се градеше империјата на кланот Заеви и истата сега е поддржана од власта на Заев. Со тоа дефакто се дава поддршка на сите фирми на Заеви кои се во тесна бизнис врска со семејната фирма.

Почитувани, истото важи и за Кочо Анѓушев. Неговата фирма Брако добила милионска поддршка од владата во која до скоро беше вицепремиер, а и сега е актуелен советник во Министерството за финансии. Токму фирмата Брако е еден од косопствениците на фирмата Каст инвест, за која медиумите известуваа дека во време на епидемијата отишла во стечај и остави на улица стотина вработени. Сега мајката фирма, која остави без егзистенција сто семејства, добива финансиска поддршка.

Ова ли е солидарноста за која зборуваа Анѓушев и Заев?

Ако имаа барем малку доблест немаше да конкурираат за државна помош во време кога граѓаните и фирмите едвај крпат крај со крај. Но, кога веќе ја покажаа целата своја алчност, после реакциите на јавноста да покажат барем малку срам и да се откажат од овие средства.

ВМРО-ДПМНЕ е различно од СДСМ. Заев создаде хибриден режим во кој додека тој се богати, Македонија тоне во корупција, криминал и осиромашување“.