Архиепископот г.г. Стефан со писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј: Промената на статусот на Св. Софија e антицивилизациска постапка

109

Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископот г. г. Стефан упати писмо на сострадалност и поткрепа до веселенскиот патријарх Вартоломеј поради промената на статусот на храмот Света Софија во Истанбул.

„Споделувајќи ја загриженоста на сиот христијански свет со решението за промена на статусот на храмот посветен на Премудроста Божја – Света Софија, најпрекрасниот украс во христијанската архитектура, изграден од ктиторот – богољубивиот и свет цар Јустинијан, роден на македонските простори, во денешен Таор, Скопско, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, архиепископот г. г. Стефан, од името на полнотата на нашата Помесна Црква, испрати писмо на сострадалност и поткрепа до Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх, г. г. Вартоломеј“, соопшти денеска Кабинетот на архиепископот г.г. Стефан.

Како што стои во соопштението, меѓу другото, во писмото неговото блаженство „со длабока огорченост, силна нажаленост и голема вознемиреност истакна дека ваквиот чин потсетува на некои други времиња коишто современиот свет и култура со право ги сметаше, а и треба да ги смета, за темно минато“.

Истовремено, во писмото понатаму се вели: „Би сакале да ја посведочиме сострадалноста и поткрепата на целиот православен народ од нашата диецеза со Цариградскиот престол и Вселенската црква, и со Вашата богољубива, човекољубива и, со ревност и голема трпеливост, богомдарувана личност“.

„На крајот, архиепископот изрази надеж дека силните реакции на институции и поединци низ светот, сепак ќе резултираат со измена на оваа антицивилизациска постапка“, стои во соопштението.

Турскиот државен совет (висок административен суд) на 10. месецов ја поништи одлуката на Советот на министри од 24 ноември 1934 година за пренамена на Света Софија од џамија во музеј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.