Швајцарија го слави Џердан Шакири

Крилниот напаѓач на Баерн Минхен, Џердан Шакири ги постигна сите три погодоци на натпреварот против селекцијата на Хондурас и е најзаслужен за пласманот на репрезентацијата на Швајцарија во 1/8 финалната рунда од Мундијалот во Бразил.

Избраниците на Отмар Хицфилд ја запишаа и втората победа во групната фаза, а во првата елиминациска рунда за противник го добија големиот фаворит за светската титула, репрезентацијата на Аргентина.

“Ова е само уште еден доказ колку е квалитетен Шакири, дека поседува невиден потенцијал, дека може да израсне во фудбалер од светска класа. Сите му честитавме за постигнатиот хет-трик. Дуелот против Аргентина е мотив плус, имаме шанса да напишеме една нова страница во фудбалската историја. Швајцарија нема што да загуби во дуелот против Аргентина. Не сум загрижен поради почетниот состав, сите фудбалери се подготвени за тој голем предизвик”, изјави селекторот на Швајцарија, Отмар Хицфилд.