Милошоски: Џафери не покажа капацитет и не верувам дека и сега ќе го направи тоа

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница во Собранието, соопшти дека нема да гласа за изборот на Талат Џафери за претседател. За тоа, како што рече, имал два аргументи.

„По однос на предлогот за избор на претседателот ќе истакнам два аргументи. Првиот аргумент е искуството што го имам од претходниот мандат. Во октомври 2019 година Џафери го прифати Законот со марихуана, злоупотребувајќи го европското знаменце. Имаше и други закони кои беа со европско знаменце, а немаа допирна точка со европската регулатива. Поточно, Џафери не покажа капацитет и не верувам дека и сега ќе го направи тоа“, рече Милошоски.

Како втор аргумент пак го посочи тоа дека Џафери немал кредибилитет, односно СДСМ сега го поддржува, а во текот на кампањата удирале со дрва и камења по раководството на ДУИ.

„Зоран Заев тврдеше дека и ДУИ знае дека треба да одат во опозиција и конечно да изградат економска програма. Заев велеше: „Ќе го победиме ДУИ во 6-та, зошто на народот му е преку глава од квази патриот и  квази националисти“. Па затоа сега Џафери нека избере што е!  Како сега да му веруваме на Заев и на СДСМ дека ќе гласаат за чесен претседател, а не за некој кој преку партијата го обвинувал за криминал. Или нека се доизјаснат, нека речат дека мислат дека Талат е чесен, а мислеле на други членови од ДУИ“, рече Милошоски.