Пендаровски на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“

Претседателот Стево Пендаровски синоќа се обрати на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и истакна дека таа манифестација во континуитет придонесува за промовирање на родовата еднаквост и феминистичките вредности во нашето општество кое, како што истакна Пендаровски, за жал, нема традиција на културни и активистички практики од овој тип.

„Овие месеци сме соочени со огромниот предизвик, да се справуваме со најголемата здравствена криза во овој век, која сериозно се одрази во сите општествени сфери и ги промени нашите животи. Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои сеи во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда“, изјави Пендаровски. 

Како што соопштија од неговиот Кабинет, Пендаровски посочил дека овој фестивал е дел од независната културна сцена кај нас, кој нуди прогресивни културни политики и ги става во центарот на своето делување феминистичките вредности и родовата еднаквост, жените и женското уметничко творештво и културна продукција и критички го преиспитува нашиот општествен контекст, политиките и врзано со тоа, дистрибуцијата на моќ во општеството. 

„Родовата еднаквост е важна заложба во мојот мандат и со моето делување сакам да дадам придонес во унапредување на родовите политики во земјата. Моето присуство на овој настан сакам да биде разбрано како поддршка на посветеноста на организаторките и сите културни работнички и работници, уметници, активистки и теоретичарки кои со години даваат придонес во развојот на нашата независна културна сцена и ја промовираат женската културна и уметничка креација“, вели Пендаровски. 

Според него, како општество треба уште многу да направиме за унапредување на родовата еднаквост во културната сфера, но и во останатите сегменти.

Годинава фестивалско издание на „Прво па женско“ се одвиваше од 17 до 23 август. На програмата беа повеќе настани, како филмски проекции, изложби, диџеј сетови, форум дискусија…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.